Изложба на уметникот Иван Аџиевски во Мобилната галерија во Паркот на франкофонијата

Изложбата Beauty Spot III на уметникот Иван Аџиевски ќе биде отворена утревечер во 20 часот во Мобилна/Монтажна галерија во Паркот на франкофонија во Скопје. Ќе бидат изложени 12 слики работени во комбинирана техника со микс
на медиуми на кои е претставен женски лик и акт во експресионистички манир со делумна апстракција каде субјектите имаат изразено издолжени портрети и физиономии. Тие се продолжување на претходната матрица на насликани портрети на девојки и женски акти претставени на изложбите Beauty spot I и Beauty Spot II. Секоја слика има различна претстава на темата со ново искуство доживување и енергија.

На својата втора самостојна изложбa Beauty Spot II во 2022 година во галерија КСП „Центар Јадро“ претстави 24 слики работени во различни сликарски медиуми и материјали со делумна апстракција и енформел кои беа продолжеток на претходната матрица на насликани портрети на девојки и женски акти кубистички претставени. На третата самостојна мултимедијална концептуална изложба ,,Форми на системот’’ – дел од програмата за визуелни уметности од национално значење за 2023 година авторот се престави со слики, инсталации, склуптура и видеопроекција кои имаа за цел потикнување на јавен диалог и креативен активизам за надминување на корупцијата како економски и политички проблем. На својата четврта самостојна изложба при Центарот за современи уметности -ЦСУ во 2024 година
презентира слики на кои се прикажуваат (во реалноста непостоечки) монументи подигнати во презентираниот простор од Македонија во чест на неродените и отселените граѓани од државата како критицизам за постоечката економскосоцијална состојба во државата како причина за миграција.

Иван Аџиевски роден во Скопје 1985 година, завршува Правен факултет при Универзитетот „Св. Кирил и
Методиј“ во 2009 година. Во водите на сликарството влегува во 2018 година со реализација на својата прва самостојна изложба Beaty Spot во галерија „Концепт 37“ каде беа изложени дела работени во комбинирана техника акрил на платно со претстава на женски лик и акт во експесионистички и кубистички манир.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура и туризам и Општина Центар.

Сподели