Изложба на уметникот Ангел Миов отворена на Факултетот за ликовни уметности во Белград

Во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Белград синоќа беше отворена изложбата Just now на ликовниот уметник проф. д-р Ангел Миов. Ова прво самостојно претставување на познатиот македонски ликовен уметник наиде на голем интерес кај белградската публика.

Ангел Миов е професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и раководител на Катедрата за сликарство и трансмедиумски практики, а заедно со деканот на Факултетот за ликовни уметности во Белград Радош Антонијевиќ се иницијатори за потесна соработка на Факултетите за ликовни уметности во Скопје и во Белград.

Во каталогот за изложбата, кустосот Јелена Спаиќ ќе каже дека: „Преку проектот „Управо сада/ Just now“ Миов ја преиспитува структурата на информациите преку призмата на поранешните дневни весници и денешното ширење на информации преку мрежа на слики. Со развојот на информатичките технологии, интеракциите, шемите и лажните датотеки брзо се шират и добиваат пристап до многу корисници (зависници) од допамин. Ангел Миов оваа промена ја разгледува од позицијата на личната и колективната мембранска структура на идентитети и сеќавања кои се специфични за просторите во кои живееме (екс ЈУ). Креира наративен сплет на интимни лични приказни и социо-политички, културни и историски прилики како специфики на овие географски поднебја кои не се осамени. Меморијата и идентитетот се расчленети на елементарни честички кои најавуваат пост-информациско доба кое ветува дека ќе има леб и игри.“

Изложбата „Управо сада/ Just now“ на Ангел Миов посетителите ќе можат да ја видат во Галеријата на ФЛУ во Белград до 19 декември.

Сподели