Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена самостојна изложба на слики на академската графичарка и професорка Милена Арсовска. Под наслов „Парадоксот на автентичноста“ таа ќе се претстави во едно интегрално издание во кое се чувствуваат повеќегодишните искуства собрани од работата на графичкиот оддел на факултетот, учеството на групните изложби, колонии, ликовни проекти па и искуства од ликовно-педагошкиот едукативен процес гледан од визура на професор по графички дизајн.
– Понекогаш, чекањето на вистинскиот момент за свое самостојно претставување пред ликовната публика и критика може да биде добра одлука којашто ќе резултира со една зрела, осмислена и технички (во ликовно-естетска смисла) беспрекорно изведена колекција на нови дела – автентични по визуелните атрибути вметнати во сликите но, исто така, и универзални по нивната тематската преокупација. Токму таков случај е изложбата “Парадоксот на автентичноста“. Самиот наслов на изложбата нè упатува на првата задача којашто ја има секој млад автор а тоа е грижа за автентичноста, оригиналноста и посебноста на авторскиот израз – вели Роберт Цветковски, историчар на уметност.
Милена Арсовска (1985, Куманово) работи како професорка по графички дизајн и графички предмети во средното училиште „Перо Наков“ во Куманово. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Трајче Блажевски, каде што работи две години како демонстратор по графика и графички техники. Изработува илустрации за книги, графики, слики, икони, фреско живопис и графички дизајн. Има учествувано на повеќе меѓународни ликовни колонии, групни изложби, ликовни работилници и проекти. Изложбата ќе биде поставена до 23 ноември.





