23 дела од Борко Лазески создадени во ателјето на Андре Лот на изложба во галеријата „Остен“

Ќе бидат претставени дела изработени од 1946 до 1948 за време на неговиот престој во Париз, во ателјето на Андре Лот

Во галеријата „Остен“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложба на дела од Борко Лазески. Ќе бидат претставени дела изработени од 1946 до 1948 з авреме на неговиот престој во Париз, во ателјето на Андре Лот. Ќе бидат претставени 23 дела од Лазески (два цртежа, молив на хартија; 20 темепри на хартија и едно масло на хартија) создадени за време на неговиот престој во атељето на познатиот француски сликар, теоретичар и педагог Андре Лот, како и едно дело од Андре Лот (цртеж, молив и пастел на хартија) од колекцијата на „Остен“.

Борко Лазески

– Изложбата е прекрасен увид во корените на сликарството на нашиот голем македонски сликар Борко Лазески. Неговиот престој во Париз како стипендист на француската влада е клучен период во неговиот професионален развој и трајно го дефинира неговиот уметнички стил. Тоа особено се должи на престојот во атељето на Андре Лот, всушнот меѓународна академија каде престојувале и уметнички се граделе голем број на млади сликари од целиот свет, вклучително уметници од тогашната Југославија – велат од „Остен“.

Академијата ја посетувале многу славни автори: Анри Картие-Бресон, Вилијам Клајн, Тамара де Лемпицка, Ханс Хартунг, Дора Мар и други. Борко Лазески е единствениот студент од Македонија во атељето на Андре Лот кој ги следел неговите предавања скоро три години.

Академијата на Андре Лот

Лазески е роден на 22 октомври 1917 година во Прилеп. Уметничко училиште завршува во Белград, по што се запишува на Ликовната академија во 1939 година. Поради војната, образованието го продолжува на Државната ликовна академија во Софија од 1941 до 1943 година. Во 1945 година учествува во формирањето на Уметничкото училиште во Скопје и е еден од основачите на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија). На крајот на 1945 година заминува во Париз како стипендист на француската влада каде останува до есента 1948 година. За време на својот престој, Борко Лазески специјализира монументални техники на Високата национална школа за ликовни уметности (Есоlе Nationale Superieure de Beaux Arts) и паралелно го посетува ателјето Лот. По враќањето во 1948 година, тој е назначен за прв директор на Уметничката галерија во Скопје. Од 1960 до 1967 година предава на Институтот за ликовни уметности (Fine Arts Institute) во Багдад, Ирак.

„Човек во жолто“, темпера на хартија

Лазески е пред сè сликар монументалист. Повеќето од своите фрески ги работел во традиционалната техника на „фреско боно“. Неговите фрески стилски спаѓаат во посткубистичкиот период на ликовната уметност и со нив го воспоставил неопходниот мост помеѓу византиското фрескосликарство и современото сликарство, на тој начин продолжувајќи ја традицијата на фрескосликарството во Македонија. Тој има изработено повеќе фрески меѓу кои во Народна банка во Скопје, фреските во шалтер салата на Централната пошта во Скопје опожарени во 2013 година, фреските во Прилеп, Крушево, Кичево, Велес, Битола (насликани на повеќе од 700 квадратни метри). Негово капитално дело е монументалната фреска во старата Железничка станица во Скопје, завршена 1956 година, со димензии 5 х 25 м. (225 квадратни метри), срушена во земјотресот. Тој изработува и две фрески во центарот на светскиот мурализам Мексико сити, Мексико. Лазески изработил два монументали мозаици и е автор на неколку монументални витражи од кои поважни се тие во Стопанска банка и МАНУ во Скопје, и витражите во Македониумот во Крушево. Починал на 16јули 1993 година во Скопје.

„Жена што седи и чита“, темпера на хартија

Aндре Лот е роден на 5 јули 1885 година во Бордо. Во Париз доаѓа во 1907 година и тогаш се приклучува на движењето на кубизмот. Тој е француски сликар кубист, теоретичар на уметност и предавач. Како сликар Лот секогаш ја задржува врската со класичното сликарство било во однос на избраниот предмет, било во однос на композицијата. Тој го подржува модерното во сликарството, но во континуитет со традицијата.

Од 1919 година редовно пишува критики во француското списание NRF (Nouvelle Revue francaise), автор е на повеќе книги за теоријата на уметноста од кои поважни се „Расправа за пејсажот“ (Traite du paysage) и „Расправа за фигурата“ (Traite de la figure).

Во 1925 година ја отвора својата академија на улицата „Одеса“ 18, во квартот Монпарнас во Париз, низ која поминале многубројни уметници од цел свет (но и од Франција), сè до 1962 година кога починал. Како предавач, Андре Лот е ценет поради неговиот либерален однос кон учениците, толеранцијата и поттикнувањето на индивидуалните склоности на секој поединец кој се нашол во неговата школа. Како естетичар и познат педагог, тој веќе во третата деценија на минатиот век многу придонел за „европеизацијата“ на ликовната култура на нашите простори.

Сподели