„Пукнатини/Трансформации“ од уметникот Благојче Наумоски-Бане во Истанбул

Во Македонскиот културен центар во Истанбул, Турција денеска ќе биде отворена изложбата „Пукнатини/Трансформации“ од уметникот Благојче Наумоски-Бане. Во својот најнов проект тој се занимава со пукнатините и трансформациите, каде предметното, амбиенталното е поставување на функционален ефект на трагата од присуство на конкретната ситуација или афект на површина и функционалната приказна за дополнителната сензација во овие дигитални дела.

– Преку овие дела го истражувам она што се наоѓа под или зад содржината, пукнатините насекаде околу нас. За мене тоа е предизвик за експериментирање со мешање на техники, деконструирање, трансформирање и др. Интересот ми е насочен кон создавање на бинарни опозиции: позитив/негатив, полно/празно, вдлабнато/испакнато и ефектите кои се создаваат, инсистирајќи на нејасната граница помеѓу илузијата (на насликаното наспроти дигиталното) и реалноста во рамки на геометризмот – вели авторот.

Тој ќе се претстави со педесетина дела кои со својата колоритност и свежина ни најавуваат радост и повторно креативно будење по долгата и исцрпувачка пандемија, вели проф. д-р Гордана Вренцоска во текстот од каталогот.

– Гледаме експлозија на бои и своевиден спој на графика, невербален плакат и сликарство. И покрај изразениот дигитално-графички израз на делата, тие прикажуваат богати текстури што не ја губат сликарската суптилноста. Репетитивноста на мотивите, карактеристична за Енди Ворхол, како и специфичните колорни шеми од кои некои потсетуваат на графичкиот дизајнер и уличен уметник Шеперд Фери (познат како Оби Џајант). Тие нѐ пренесуваат во секогаш забавниот свет на поп артот и графичкиот дизајн, но апстрактниот пристап и отсуството на наративни елементи нѐ враќа до намерата на авторот да ни сервира чист ликовен концепт кој сам по себе не се обременува со стилски референци и не отстапува од својата појдовна точка – да ни покаже ефект на трагата од присуство наместо конкретно присуство, да го открие она што се наоѓа под или зад содржината – пишува Вренцоска.

Благојче Наумоски (1985, Кичево), дипломира во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кај професорот Рубин Корубин, а магистрирал кај проф. Јован Шумковски. Од 2007 година е член на Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија (ДЛУМ). Во 2009 година станува член на групата Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т и активно учествува во сите нејзини проекти. Од 2015 година е член на колективот Ад Акта. Од 2012 година работи како асистент на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзите. Излагал во земјава и во странство.

Сподели