Избрани четири текста за програмата „Драмолетање“ во рамките на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Четири нови драмски текстови на македонски автори ќе бидат поддржани да учествуваат на програмата „Драмолетање“, што ќе биде организирана за време на 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Станува збор за: „Голи души“ од Иван Додовски, „Ложа“ од Марио Стојаноски, „Хитлер е жив“ од Ева Камчевска и „Чудесен лек“ од Коста Бојчески. За наградените текстови одлучи комисијата составена од: м-р Петар Антевски (продуцент), м-р Шенај Мандак (режисерка) и Ангела Стојановска (актерка).

Тие внимателно разгледаа вкупно 14 пристигнати драмски текстa кои ги исполнуваат сите критериуми и ги имаат поднесено задолжителните документи за да учествуваат на пичинг-форумот „Драмолетање“.

Комисијата ги поздравува разновидноста и креативноста на сите пристигнати пријави и ја изразува својата благодарност за интересот и трудот на авторите кои го препознаа значењето на платформата „Драмолетање“. При процесот на селекција, комисијата работеше врз основа на три јасно дефинирани критериуми:

1. Оригиналност

Се вреднуваа текстови со нови и уникатни драмски дејства, оригинален драмски јазик и возбудлив, жив дијалог. Комисијата беше свесна дека дел од темите може да бидат универзални или веќе обработени во театарот, но посебно внимание посвети на иновативниот пристап и креативната интерпретација на тие теми.

2. Релевантност

Се преферираа драмски дела што третираат современи теми од секојдневието – меѓучовечки односи, системски судири, технологија, социјална неправда – со јасна вкоренетост во македонскиот контекст (географски, економски, политички, културен). Одредувањето на релевантноста беше и субјективен процес, базиран на вредносните уверувања на комисијата како млади театарски професионалци кои сакаат да предложат дела што сметаат дека му се неопходни на македонскиот театар денес.

3. Продукциска вредност

Се оценуваше дали драмското дело има потенцијал за сценска реализација, дали носи свежина во театарскиот пејзаж и дали може да се адаптира во различни продукциски и просторно-театарски контексти – од институционални сцени до алтернативни простори.

Сподели