Актерот на Велешкиот театар Исидор Јованоски ја доби наградата за најдобар актер на Меѓународниот амбиентален театарски фестивал „Театар во тврдината“, што синоќа заврши во Смедерево, Србија. Наградата за најдобар актер „Деспот Ѓураѓ Бранковиќ“, Јованоски ја доби за улогата на Тригорин во претставата „Галеб“.
За наградите одлучи жирито во состав: Исидора Миниќ, драмски уметник, д-р Зоран Максимовиќ, театролог, и претседател на жирито Горан Ибрајтер, писател и извршен директор на „Стеријино позорје“ од Нови Сад.
„Галеб“ во режија на Александар Ивановски ја имаше својата премиера на 30 мај на сцената на велешкиот театар. Освен Јованоски, играат и: Славица Манаскова, Филип Христовски, Благојчо Стојанов, Сандра Танчев, Кире Ацевски, Симона Димковска, Јана Лефкова, Јордан Витанов и Фаик Мефаиловски.
Фото: Фестивал Смедерево





