Во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во Битола денеска во 12 часот ќе се одржи промоција на инклузивната едукативна алатка „Крилестата дружина во музеј“. Еден час подоцна ќе бидат презентирани тактилни слики, тактилни копии од експонати од музејската поставка на Заводот и музеј и две копии/ фрагменти од мозаици.
„Крилестата дружина во музеј“ ја сочинуваат: голем формат сликовница со лесно читлив текст и илустрации, текст на Брајово писмо, тактилни слики и тактилни елементи од различни материјали. Тие ја следат едукативната и забавна музејска приказна на крилестата дружина (ликови кои ja раскажуваат приказната).

Во рамките на алатката се интегрирани аудиоописи, видеа на знаковен јазик, кои се достапни со скенирање на QR код и со NFC таг. Во текот на приказната се споменуваат звуци и гласови, кои на промоцијата ќе бидат интерпретирани и изведени од ученици од Државно музичко училиште од Битола.
На изложбата, еден час подоцна, ќе бидат презентирани тактилни слики, тактилни копии од експонати од музејската поставка на битолскиот Завод и музеј и две копии/ фрагменти од мозаици. Тактилните копии се изработени од различни материјали, слични на оригиналните експонати. Во нив се интегрирани NFC тагови кои водат до аудио описи и видеа на знаковен јазик. Целта на двата настана е да покажат дека има начин музеите да бидат достапни за сите, без оглед дали посетителите имаат попреченост.





