„Иницирај промена! Креирај гласно“ е насловот на изложбата што ќе биде отворена вечерва во 19 часот во галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“, во Сули ан во Старата скопска чаршија. Ќе бидат претставени уметнички дела од 14 девојки и момчиња кои учествуваа на специјализираната работилница за емоции и уметност, кои работеа под менторство на психологот Тина Чачоровска и уметникот Доротеј Нешовски. Преку процесот на креативно изразување, младите ги истражуваа своите емоции, учеа да ги препознаат, да ги именуваат и да се соочат со нив на здрав и конструктивен начин.
– Менталното здравје и емоционалната благосостојба се основни човекови права. Емоциите, од страв, трема и вознемиреност до радост, љубопитност и надеж, се составен дел од нашето секојдневие. Препознавањето, правилното реагирање и справувањето со нив не се само лична потреба, туку и општествена обврска – велат организаторите.
Изложбата ја нагласува важната улога на семејството како прва и најзначајна алка во поддршката на менталното здравје. Многу родители често се чувствуваат неподготвени да се соочат со предизвиците кои ги носат тинејџерските години.
Изложбата е дел од пошироките активности насочени кон поддршка на младите, унапредување на менталното здравје и промовирање на правата на сите деца и млади луѓе да живеат во средина која ги разбира, слуша и охрабрува, а е поддржана од Ротари клуб „Скопје“.





