Иако е релативно мала акција, 11 октомври за бугарската пропагандна машинерија значеше голем политички пораз, а несомнено голема политичка победа за слободарските идеи на македонскиот народ, вели проф. д-р Марјан Иваноски
Денес 11 октомври го славиме како ден кога започнало востанието против окупаторите, а за национално ослободување на македонскиот народ и создавање на сопствена држава. Од првите денови на окупацијата, новите власти се соочиле со најразлични форми на отпори, а особено по 11 октомври сфатиле дека Македонија за нив ќе биде немирно подрачје. Иако е релативно мала акција, 11 октомври за бугарската пропагандна машинерија значеше голем политички пораз, а несомнено голема политичка победа за слободарските идеи на македонскиот народ, вели проф. д-р Марјан Иваноски од Одделението за нова и најнова историја (1941 – 1991) при Институтот за национална историја. Во интервјуто за Умно.мк тој објаснува во кави околности се слулило востанието кое направило престврт во историјата на македонскиот народ, и каков е ставот на светската наука во однос на овие прашања.
Во какви историски околности се случиле настаните на 11 октомври 1941 година? До тој момент под чија власт била територијата на денешна Македонија и во какви услови живеело населението?
– Почетокот на востанието се случило во периодот кога нацистичка Германија со нејзините сојузници биле во агресивна територијална експанзија. По освојувањето на најголемиот дел од Европа, нацистичките сили ја започнаа својата воена кампања против Советскиот сојуз и го отворија најголемиот фронт за време на војната. Во време на таква експанзија се јави вооружениот отпор во Југославија и во Македонија.

Поделбата на Кралството Југославија, април 1941 (Од монографијата „Велес во Втората светска војна (1941-1945)“ од Ѓорѓи Малковски, Скопје 2020)
Да појасниме поконкретно за нашево поднебје. Во април 1941 година Кралството Југославија, а со тоа и денешната територија на Република Македонија, беше нападната од силите на Оската, предводени од нацистичка Германија. Тоа беше т.н. блицкриг војна која траеше само шест дена, по што Кралството Југославија капитулираше. Како награда за услугите што Бугарија ѝ ги направи на Хитлерова Германија, пуштајќи ги германските војски да ја искористат нејзината територија како база за напад на Југославија и Грција, ѝ беше дозволено да го присвои поголемиот дел од Македонија која дотогаш беше под власт на Кралството Југославија. Западниот дел на Македонија со градовите Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга потпаднал под италијанска окупациона власт, која за кратко време со Декрет ѝ дозволила на нејзиниот сателит, Албанија да го анектира тој дел. Со тоа, Македонија претрпе нова поделба, а македонскиот народ беше повторно подложен на нова асимилација, денационализација, терор, грабеж и сл.

Скица за нападот на партизанскиот одред на Прилеп / „Прилеп и прилепско низ историјата“ книга втора, Прилеп 1972
Бугарската окупаторска власт целела да докаже дека Македонија историски и припаѓала на Бугарија, а населението кое живеело во Македонија е бугарско. Во таа насока акцент бил ставен на образованието, кое уште од првите денови на окупацијата било максимално искористено во ширење на големобугарската идеја во „новоослободените територии“. Додека во западниот дел на Македонија, кој потпаднал под италијанска, односно албанска окупација, слично како и бугарските окупатори, новите власти тежнееле да ја прикажат територијата како историски албанска и дека тие краишта всушност биле „ослободени“. И тука асимилацијата главно била спроведувана преку образовнието, кое се одвивало на албански јазик, но и преку промена на презимињата на Македонците кои добивале албанска форма. Не треба да се занемари и фактот дека економско експлоатирање на целокупната територија на Македонија било еден од врвните приоритети на окупационите власти, а во Западна Македонија бил вратен спахилакот, кој се користел како давачка во времето на Османлиската империја. Економското експлоатирање не поминувало без отпор од населението.
Како македонските борци добиле толкава поддршка од македонскиот народ? Имало ли и други фракции меѓу народот кои имале поинакви ставови во тоа време?
– Народноослободителната борба беше поддржана од народот затоа што беше препознаена како таква, односно произлезе од народот и беше наменета за народот. Како самите борци, така и идеалот што го носеа за ослободување на Македонија не беше инпутиран од страна, од друга земја, од друг центар на моќ. Тој слободарски идеал е нешто што македонскиот народ генерациски го негувал и буквално се вградил во македонската ДНК. Тоа се гледа и од именувањето на македонските воени единици според истакнати херои и организатори на Илинденското востание. Секоја годишнина од Илинденското востание била соодветно одбележена, како со воени акции така и во пишаните материјали, а на 2 август – Илинден во 1944 година беа удрени темелите на македонската држава. Сето тоа говори колку силно се вткаени слободарските илинденски традиции во Народноослободителната борба.

Првоборците од Прилепскиот партизански одред Мице Козар и Трајко Бошковски-Тарцан (Од монографијата: „НОБ на Македонија“, Скопје 1962)
Што се однесува до фракциите, за разлика од некои други земји, каде поларизацијата помеѓу одредени движења и идеологии доведе до братоубиствена војна (пр. Србија), во Македонија постоеја окупациони власти на една и Народноослободителното движење на друга страна. Друго организирано движење со друга идеологија или ставови меѓу народот не постоеше. Единствено кон крајот на 1942 година се појавија контрачетите, кои не беа самостојни во делувањето и не произлегоа од народот, туку беа формирани и предводени од бугарските окупациони сили за борба со македонските партизани. Овие контрачети најчесто биле предводени од поранешни членови на михајловистичкото ВМРО. Меѓутоа разликата е во тоа што овие контрачети биле официјално стимулирани и вооружувани од бугарската војска и полиција и делуваа во содејство со бугарската полиција и војска. На терен ја немале поддршката од населението и нивниот број во летото 1944 година изнесувал околу 200 контрачетници на територијата на Македонија. Што значи најголемиот процент од македонскиот народ ја поддржал Народноослободителната борба што кон крајот на 1944 година резултирало со 100.000 припадници на Народноослободителната војска и партизански одреди на Македонија.
Македонските историчари се децидни дека овој датум е почеток на македонското востание против окупаторот. Каков е ставот на светската наука?
– 11 октомври е од вонредно значење за македонскиот народ и неговото конечно ослободување. Поради тој факт македонската историографија е и најзаинтересирана за проучување на овој настан. Од другите историографии ќе ги споменеме историографиите на поранешните југословенски републики кои како во времето на постоењето на заедничката држава така и денес го оценуваат овој настан објективно врз база на соодветната архивска документација, односно некритички кон македонската историографија.

Проф. д-р Марјан Иваноски
Надвор од поранешните југословенски републики и Балканот, односно во остатокот од Европа и Северна Америка постојат историчари кои се занимаваат со прашања поврзани со балканската историја. Мора да признаеме дека балканистите не го гледаат 11 октомври како настан од круцијално значење за тековите на Балканот и затоа вниманието што му го посветуваат не е на ниво како во македонската историографија. Но, секако во најголем процент од написите 11 октомври се третира како дел од македонската и општојугословенската ослободителна и антифашистичка борба, што би се прифатило како критика на бугарската историографија.
Дали во изминатите 82 години светските историчари во каква било форма или правец го смениле својот став во однос на улогата на Бугарија на територијата на денешна Македонија во периодот пред 11 октомври 1941 година?
– Со основањето на современата македонска држава во 1944 година се роди и официјалната македонска историографска наука која со текот на децениите создаде респектабилен број на научни трудови. Со тоа за прв пат се создадоа услови македонската историја да биде пишувана од македонски историчари и македонската историографија стана дел од балканската и светска историографија. Овие придобивки се многу важни затоа што како минуваа децениите македонските историчари имаа можност да бидат чуени и надвор од Македонија. Па така за улогата на Бугарија во Втората светска војна, врз база на документацијата и сведоштвата историчарите (освен бугарските) кои се занимаваат со ова прашање го имаат изградено децидно ставот дека Бугарија како германски сателит ја окупира територијата како на денешна Македонија, така и на источниот дел на Егејска Македонија, Западна Тракија и јужното Поморавје. Оваа вистина мора и понатаму да ја афирмираме. Македонските историчари не смеат под никаков притисок и уцени да прифатат некоја друга „вистина“. Затоа е многу важно државата да вложи повеќе напори во промоција на македонската научна мисла.
Зошто 11 октомври е толку важен за современата македонска историја?
– Денес 11 октомври го славиме како ден кога започнало востанието против окупаторите, а за национално ослободување на македонскиот народ и создавање на сопствена држава. Од првите денови на окупацијата, новите власти се соочиле со најразлични форми на отпори, како и прибирање оружје, извршување на диверзантски акции и вооружени судири со окупаторските сили, а особено по 11 октомври сфатиле дека Македонија за нив ќе биде немирно подрачје. 11 октомври е важен затоа што македонските борци недвосмислено кажаа НЕ на бугарската окупација на Македонија, кажаа НЕ на повторната поделба на Македонија, кажаа НЕ на деструктивната фашистичка идеологија, а едно големо ДА за ослободувањето на Македонија и ДА на општочовечките европски и светски вредности. Иако е релативно мала акција, 11 октомври за бугарската пропагандна машинерија значеше голем политички пораз, а несомнено голема политичка победа за слободарските идеи на македонскиот народ.

Навлегувањето на германската војска во Македонија април 1941 година („Велес во Втората светска војна (1941-1945)“)
Слободата е највозвишениот идеал на секој поединец и на секој народ и оттука 11 Октомври има своја безвременска димензија. Неговото негирање не значи само негирање на борбата на македонскиот народ за своја држава, туку и негирање на борбата против нецивилизациските вредности кои со себе ги носеше наци-фашизмот, а застапувани и уважувани во Македонија од нејзините окупатори. Првоборците од 1941-та ја препознаа уникатната историска прилика и го презедоа товарот и одговорноста за иднината на својот народ. Денес имаме историска одговорност да го одбраниме она за кое тие бескомпромисно се бореа – Македонија како дел од слободниот и прогресивен свет каде се негуваат општоцивилизациските и демократски вредности.




