Македонскиот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски ќе биде прикажан вечерва во 19 часот во киното „Манаки“ во Битола, како дел од кампањата „На кино со баба и дедо“, организирана од „Халкбанк“ АД Скопје.
– Супер акција, супер кампања, постарите и помладите заедно да одат на кино. Се надевам дека ќе прерасне во традиција што ќе се негува со години – вели режисерот Пиперкоски.
Бесплатен е блезот на кинопроекцијата на емотивната семејна драма на Пиперкоски, а се реализира во соработка со Кинотеката на Македонија. „На кино со баба и дедо“ е само една од активностите на големата кампања „Да ги слушнеме и гушнеме“, со кои Халкбанка сака да го сврти вниманието кон повозрасните сограѓани за да покаже дека се важен дел од општеството. Кампањата ги потсетува помладите дека оние пред нас се важни чувари на мудроста, генерација од која има уште многу што да се научи.
Во рамките на кампањата утре во битолскиот дом за стари лица „Софија“ ќе биде организирана и игранка за тамошните корисници кои ќе ги забавува еден од најубавите вокали на македонската естрада, Блага Петреска.

Кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ трае до мај следната година и вклучува училишта, градинки, домови за стари лица, здруженија на пензионери, истакнати личности од општествениот и културниот живот. Сите учесници ја подигнуваат јавната свест за значењето на повозрасните луѓе како темел на општество со здрави навики и вредности. Погледнете ја на веб-страницата: www.cuvarinamudrosta.mk.





