80 отсто од жените плаќаат за гинеколошки услуги кои им следуваат бесплатно, само 30 отсто се опфатени со скрининг за рак на грлото на матката во период од три години, наместо потребните 75 отсто, 92 отсто од Ромките не знаат дека имаат право на бесплатен гинеколошки преглед. Бројките се дел од проектот „Унапредување на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи“ што партнерски го спроведуваат ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“, со поддршка од швајцарската Влада преку програмата „Цивика мобилитас“.
Дел од проектот е и кампањата „Кога се штеди на превенција, последиците се скапи“ која потсетува дека игнорирањето на превенцијата има висока цена за жените, за семејствата и за целиот здравствен систем. Кампањата е јавен повик за систем кој ќе ја стави превенцијата во центарот на здравствените политики, затоа што секој заштеден денар денес, утре се плаќа поскапо, на штета на здравјето на граѓаните и на системот кој троши повеќе за лекување.
Кампањата содржи инфографици, видеа, пораки од здравствени работници и конкретни повици за акција. Преку овие содржини, здруженијата апелираат за зголемување на буџетите за превенција и обезбедување на еднаков пристап до здравствена заштита, независно од приходот, местото на живеење или етничката припадност.





