Изложба на Ибрахим Махама, еден од најзначајните современи уметници, ретроспектива на Живко Поповски, на Јордан и Искра Грабул, Оливер Мусовиќ се дел од годинашната програма на Музејот на современата уметност во Скопје. Програмата ќе биде реализирана со 5.842.370 денари (околу 94.500 евра) од Министерството за култура и туризам, рече на вчерашната прес-конференција Тихомир Топузовски, в.д. директор на МСУ.
– Во програмата се вклучени 26 проекти: 11 проекти се од музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, 12 проекти се од областа на визуелна уметност и архитектура, еден проект од областа на меѓународна дејност, односно вмрежување со сродни институции, еден проект од областа литература и издавачка дејност и еден проект од областа на инвестициско одржување и адаптација – рече Топузовски.
„Ткаење светови: Колекции во разговор“ е првата изложба што ќе биде отворена идната недела во Љубљана. Предвидени сè уште две меѓународни изложби – „Сè што ни е заедничко“ и „Земјата која се промислува постојано – креативен геофилозофски патопис“.
Според Топузовски, годинава продолжуваат турите како Музејски водич, Тура на инклузивноста и Современа уметност на сите. Со музејските тури зголемена е посетеноста на Музејот.
Во филмската програма на МСУ за 2025 година се опфатени филмови и дела кои ги разоткриваат различни аспекти на интеракција помеѓу јавното и приватното, личното и домашното, носејќи приказни во кои се вкрстуваат јавните и приватните простори, животи и настани.





