Македонскиот оркестар, дел од проектот Fame’s, настапи на гламурозната свеченост по повод официјалната најава за изградба на првиот „Дизни“ тематски парк на Блискиот Исток, кој ќе се наоѓа на островот Јас, Абу Даби. Настанот што го организираше „Волт дизни компани“ и „Мирал“, привлече големо внимание и бројни ѕвезди од светскиот шоу-бизнис. Меѓу присутните беа Тајрис Гибсон, Наоми Кембел, Ед Вествик и други познати личности.
Публиката беше сведок на импресивно шоу, кое вклучуваше координирана претстава со 7.000 дронови, огномет и настап во живо на Fame’s оркестарот. Музичката програма беше подготвена и диригирана од Стив Сидвел, а на сцената настапија и Ланг Ланг, заедно со пејачите Кери Елис, Соња Балсара и емирскиот уметник Рашед Алнуими. Македонските музичари беа рамноправен дел од оваа високобуџетна продукција, поставена на највисоко светско ниво.

– Настапот на настанот за Дизниленд Абу Даби беше момент што нема да го заборавиме. Честа да бидеме дел од ваков глобален спектакл значи многу – не само за нас како оркестар, туку и за Македонија. Нашите музичари уште еднаш покажаа врвна професионалност и страст – изјави Од Насју Мапа, основачка на Fame’s.

Церемонијата ја означи официјалната најава за изградба на седмата „Дизни“ тематска дестинација во светот и прва во регионот на Блискиот Исток. Паркот ќе биде изграден и управуван од „Мирал“, со креативен надзор и оперативна поддршка од „Дизни“.
Оркестарот на Фејмс, основан во Скопје во 2007 година, е реномиран оркестар специјализиран за снимање музика за филмска и телевизиска продукција, видеоигри, класична и поп музика. Со над 4.000 реализирани проекти, тој се наметна како водечки избор за оркестарски снимања во Европа и пошироко.





