Во дворот на Дневниот центар „Гнездо“ во Општина Центар од утре од пладне до 18 часот ќе се одржи хуманитарен „Божиќен базар – Гнездо 2025“, што го организира Здружението „Новинари за човекови права“ од Скопје.
Настанот е замислен како еднодневен семеен и добротворен базар, чија главна цел е собирање средства за поддршка и континуирано функционирање на програмите на Дневниот центар „Гнездо“, кои обезбедуваат психосоцијална поддршка, едукативни активности и безбеден простор за деца и млади од ранливи категории. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата културно-забавна програма, настапи на училишни и детски групи, весели активности за деца, како и занаетчиски и хуманитарни штандови, преку кои директно ќе придонесат кон работата на центарот. Настанот е отворен за сите граѓани и е наменет за целото семејство.
„Божиќниот базар е можност за солидарност, заедништво и поддршка на децата и семејствата на кои им е најпотребна помошта од заедницата. Со овој настан сакаме да испратиме порака дека грижата и заштитата на децата е заедничка одговорност“, велат организаторите.
-Со голема радост ве покануваме да бидете дел од празничната магија на Божиќниот базар. Дојдете да ја почувствувате топлината на празниците, да уживате во пријатна атмосфера, насмевки и убави моменти споделени со семејството, пријателите и заедницата. Базарот нуди рачно изработени подароци, топли празнични мигови и мали изненадувања кои ја носат вистинската празнична радост. Со вашето присуство не само што ќе создадете убави спомени, туку и ќе дадете поддршка на хуманата цел што стои зад овој настан. Ве очекуваме со отворени срца, топол чај и празнична насмевка. Да ја споделиме радоста – заедно! “ – порачуваат од Дневниот центар „Гнездо“.
Дневниот центар „Гнездо“ е основан со поддршка на Сојузното министерство за труд, социјални работи, здравје, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија, во соработка со ЕКПАТ Австрија, во рамки на проектот „Зајакнување на иднината“, и континуирано работи на унапредување на благосостојбата и заштитата на децата и младите.





