Пишува: Наташа Атанасова, Блен.мк
Замислете девојче кое има 11 години, а разбира можеби и повеќе од повеќето големи. И тоа девојче, замислете, раскажува толку заразно што без да трепнете чекате да видите каде ќе отиде и што ќе направи. Дали ќе замине на село со мајка ѝ иако е недела и е ден за корнфлекс и излежување, дали ќе го најдат селото Бабин Заб, дали вистина ама баш вистина запознава шумски трол кој се вика Папрат и кој му доаѓа како нејзина тролско-откачена верзија? И дали приказната на Папрат е за верување и авантурата на Илина за впуштање во неа и со неа…
Ама штом сте се зачитале, сфаќате дека нема назад од фантастичниот свет на Илина што го креира Хана Корнети во нејзиниот нов роман „Илина и шумските тролови“. Има само напред – со многу хумор и забава и со развој на настаните и на ликовите каков што… па, ќе треба да читате за да дознаете. А кога сте веќе тука, прочитајте го прво овој разговор со Хана, кој го направивме за уште повеќе да ве заскокоткаме!
Хана, како си? Како го доживуваш периодов на излегување од печат на твојата трета книга, прв роман, откако го пишуваше година и пол?
-Да ти кажам право, одлично сум! Омилен период ми е смислувањето, пишувањето и препишувањето на книгата, соработката со уредник, илустратор и „бета“ читатели. Помалку омилен период, особено кога демнат рокови, ми е лектура, спремање за печат и организирање промоција. Сега се радувам што главните обврски завршија со една прекрасна промоција со моите омилени луѓе и нови, убави ликови! Многу сум благодарна на сите што дојдоа и беа дел од приказната на „Илина“, и надвор од книгата и внатре во неа. Сега ќе си се одморам и ќе го следам самостојниот живот на книгата од зад завеса.
Фантастика за деца – жанровски тука припаѓа „Илина и шумските тролови“. Од каде поривот по збирката раскази „Млечни заби“ да пишуваш за деца?
– Се мачев со пишувањето на еден доста посериозен роман кој ми се вртка во глава од 2015-та. Тешко ми одеше, мислам бидејќи немам созреано за да го напишам како што треба. Тој период сонував една сцена која ми остави силен впечаток и која потоа порасна во „Илина и шумските тролови“. Така што, немав конкретна намера да пишувам за деца, едноставно натаму ме однесе текот на настани. И драго ми е – токму ваквата книжевноста ја голтав како дете. А на другиот, посериозен роман со кој се мачевме, се надевам дека еден ден ќе му дојде времето.
Ликот на Илина е вистинска милина, лик на кој читателот паѓа уште на првите страници, а таа првична вљубеност постепено преминува во љубов и пол. Но, не е само Илина таков лик. Тука се и нејзината мајка Лидија, другарчињата Пепи и Ники, тролот Папрат, Вирџинија, Касандра… Што ти беше најважно при градењето на ликовите за да бидат уверливи?
– Да ми се драги – да ги сакам сите, на свој, различен начин – да ги разбирам, дури и „негативците“. Пример, имав во порана верзија еден лик на негативец кој беше целосно непоистоветлив за мене. Беше карикатура за која немав најдено емпатија. И тоа веднаш се познаваше. Сѐ околу ликот ми чкрипеше, а и уредникот, Ведран Диздаревиќ, ми посочи дека ликот е нејасен, слаб, без вистинско место во книгата. Го заменив со лик кој ми е драг, за кој имам разбирање, за кој имам идеја и приказна, кој е слоевит. Лик кој едвај чекам да го развијам во следните две книги.
Во урбаните средини каде што денес живеат најголем дел од луѓето, сивилата на секојдневието знаат да ја засенат магијата. Твојата фантастична приказна сместена во урбан контекст е како прозорче низ кое може да се види магичното. Мислиш ли дека на светот му недостасуваат магија и фантазија?
– Секако. Не мислам целосно да одлепиме, туку да гледаме на светот со малку повеќе фантазија, да си додаваме своја боја. Луѓето се плашат од фантазија, сонување. Особено во нашето поднебје, социо-културо-политички се имаме соочено со куп разочарувања, така што луѓето од инстинкт за самозаштита, се потпираат на скепса, песимизам, апатија. И тоа, за жал, е разбирливо. Мислам дека може да се оградиме од тие непријатни сегменти на некој начин (да си ги зачуваме живците) и да посонуваме во други насоки. То ест, да си дозволиме да се подетиниме. Луѓе тоа го прават низ општествени градини, цртање, читање, пишување, фоткање, шеткање, дури и муабети со комшии, не знам? Така може и да се делува – од внатре да ја шириме фантазијата кон надвор. А за да си дозволиш да фантазираш, треба и да се помириш со фактот дека никогаш нема да бидеш „кул“ според популарното мислење (ама па тоа те прави најкул).
За разлика од збирката раскази, каде што во преден план е експерименталноста и играњето со наративните постапки, во „Илина и шумските тролови“ особено доаѓа до израз твојот стил на раскажување. Јазикот ти е со младешки сленг, кој е толку свеж и постојано изненадува, што го држи вниманието и го прави читањето забавно. Зачинето со хуморот во секоја втора реченица – вистински десерт, каква што би требало да е секоја книга за деца, нели?
– Сметам дека книгите за деца, особено денес кога толку различни медиуми и содржини се борат за нивното внимание, мора да се доволно забавни за да го задржат детското внимание. Раните години се битни за развивање врска со книжевноста, а читањето е битно за да пораснеме во побогати луѓе. Дури и ако сакаме новите генерации да читаат „посериозна“ литература како Балзак и Толстој, со тоа секако не може да се почне. За да се вљубат децата во книжевноста и да ја истражуваат, треба прво да се вљубат во книги во чии светови ќе посакаат да се изгубат, книги што ќе им ја обојат фантазијата, книги што ќе ги возбудуваат и радуваат.
Прочитајте го целото интервју на блен.мк.





