Грузиската „Вошката и мравката“ доби Гран при на фестивалот „Битолино“

Гран-при за најдобра претстава во целина на фестивалот „Битолино“ ја доби претставата „Вошката и мравката“ на Театарот за деца и млади „Нодар Думбадзе“ од Тбилиси, Грузија. За наградите одлучи жирито во состав: бугарската актерка и режисерка Ефимија Павлова и македонските актери со интернационална кариера Тони Наумовски и Мартина Тапарчевска.

Во чест на наградените премиерно беше изведена претставата „Аудиција“ на Театарската школа „Бабец“.

– Да се одреди победник е апсурдна како и апстрактна задача. Мерењето на уметноста е длабоко приватен, емоционален и индивидуален предизвик. Меѓутоа, кога ќе разбереме дека даденото уметничко дело е поголемо од нашите индивидуални и колективни амбиции, патот е појасен. Системот за емоционално водење на нашето тело, ум и душа ни дава јасност. Т.н детски претстави се најпонизното искуство за нас возрасните деца. Во уметноста, во нејзината најчиста форма, стремежот е да бидеме безусловно слободни и да можеме да си играме со целиот спектар од нашиот живот. Така, еден од најголемите театарски творци, Јержи Гротовски, честопати велел дека нашиот процес на создавање е via negativa, односно процес на враќање на она кога бевме деца, пред светот на возрасните да не обвие со општествени норми, правила, регулативи и ограничувања – кажа Тони Наумовски во воведниот говор на церемонијата.

Со одлука на фестивалското жири фестивалското Гран-при за најдобра претстава во целина го доби претставата „Вошката и мравката“ на Театарот за деца и млади „Нодар Думбадзе“ од Тбилиси, Грузија.

„Претстава која е пример за вибрантна уметност од светска класа, поетска естетика, синергија на ансамбл во својот врвен облик со длабоки културни корени изведени извондредно со голема прецизност и слоевито трогателно раскажување кое има длабок и просветлувачки ефект како емоционално така и интелектуално. Целосно театарско искуство кое те поттикнува на размислување. Маестрално изведена симфонија од приказна, актерска игра, звук и движење, визуелна естетика, музика, физички живот и на ликовите, актерите и на куклите, дизајн, динамика, квалитет на енергија, ритам и темпо со јасна визија и насока што нуди магична атмосфера. Искуство кое го запира времето какво што го знаеме и кое ја буди индивидуалната и колективната меморија од нашите предци. Вкоренета во локалниот фолклор, претстава испреплетена од традиционална музика, ритуален гест и фантастични дизајнерски мотиви, одржувајќи ја приказната непосредна и современа, а наративот свеж и привлечен за публиката.“ – се вели во одлуката на жирито.

Жирито оваа година одлучи да му додели Специјална награда за актерско мајсторство на Ивица Шимиќ од „Мала сцена“, Загреб. А кој ја отвори официјалната програма со претставата „Pale sam na svijetu“.

14. издание на „Битолино“ се одржа од 3 до 7 август во Центарот за култура – Битола со шест претстави во официјалната програма и четири во придружната програма. Во рамки на фестивалот се одржа и театарска работилница за куклен театар на Државниот куклен театар од Сливен, Бугарија.

Сподели