Громогласен аплауз и неколку биса за „Глембаеви“ на Прилепски театар во Загреб

Најдобра претстава по текст на Крлежа што сум ја гледал во Хрватска по подолго време – изјави Борна Балетиќ, професор на Факултетот за драмски уметности во Загреб

Театарот „Војдан Чернодрински“ со претставата „Глембаеви“ по текст на Мирослав Крлежа, во режија на Бранко Брезовец, одлично се претстави на 12. издание на фестивалот „Мирослав Крлежа“ во Загреб, кој се одржува по повод 130 години од раѓањето на истакнатиот писател. Претставата изведена во театарот „Керемпух“ на 4 јули, публиката многу убаво ја прифати и ja награди со долготраен аплауз. Според Борна Балетиќ, професор на Факултетот за драмски уметности во Загреб, претставата била моќна и убава.
– Најдобра претстава по текст на Крлежа што сум ја гледал во Хрватска по подолго време – изјави Балетиќ.

Бранко Брезовец, Јасмина Мицовска-Станкоска и Горан Матовиќ

Јасмина Мицовска-Станкоска, в.д. директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп посочува дека театарот се прикажал во вистинско светло на фестивалот во Загреб.
– Убаво е чувството кога се добиваат пофалби за претставата, која актерите ја играат со многу радост и посветеност. Аплаузот на крајот е потврда за феноменалната игра на нашиот ансамбл. Горди сме што го претставувавме театарот и Македонија на фестивали надвор од нашите граници – реле таа и се заблагодари на Министерството за култура за поддршката.

За актерката Даниела Иваноска, секое гостување дава посебно чувство, необјаснива возвишеност на умот и духот, вистинско мерило до каде сме, какви сме и како нашиот театар кореспондира во една друга средина, во поинаква театарска стварност, пред друга театарска публика.

Според Иваноска, да се гостува со Глембаеви на Крлежа, во Загреб, на фестивалот посветен на Мирослав Крлежа, на македонски јазик е навистина предизвик.
– Крлежа за нив е библија, дел од нивниот генетски код, автор кому се посветени безброј истражувања, критики, институции, настани, улици… Се прашувам, како сега ние, на нивни терен, со нивен автор-институција, ќе успееме да кажеме нешто повеќе, од тоа нивно сè што го имааат за Крлежа?! – раскажува таа.

Нашиот ансамбл настапи во театарот „Керемпух“, во сала полна со луѓе, режисери, професори на академија, некогашни првенци, денес во пензија, актери, композитори, сценографи, вистински љубители и почитувачи на театарската уметност.
– Потеатарска публика – здравје! Претставата заврши. Аплауз… трае… трае… се враќаме на бис 4-5 пати… Излегуваме пред „Керемпух“, а таму луѓе чекаат со восхит во очите, среќни и не бомбардираат со пофалби: „Фантастични, браво! Каква претстава, каква актерска игра! Сте го прочитале Крлежа толку точно и подобро, отколку ние, Хрватите…“ Си велам, што направивме?! Толку сум горда на сите, на театарот „Војдан Чернодрински“, на Прилеп. Загреб, ти благодарам за чувството со кое се вратив! – вели Иваноска.

Актерот Игор Трпчески вели дека било чест да се игра „Глембаеви“ во Загреб.
– И покрај 15-часовното патување од Прилеп до Загреб, и покрај жешкото време, со најтоплиот ден во историјата, неизмерна беше честа и задоволството од играњето на „Глембаеви“ во државата и градот каде има најмногу и најголеми познавачи на неговото творештво. Уште повеќе што во публика беа присутни првенци од ХНК, „Гавела“ и „Керемпух“, како и многу театарски работници на фестивалот во спомен на Крлежа. Ова е второ гостување на претставата, но и покрај тоа бевме пречекани како што заслужува една професионална екипа. Вниманието со кое се следеше претставата беше вчудоневидувачко, а повеќеминутниот аплауз беше вистинската радост и награда за нас. Овој фестивал е навистина репер како треба да се однесуваме кон домашните автори – посочува Трпчески.

Во претставата играа Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Сузана Брезовец, Димитар Црцороски, Исидор Јованоски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески и Ана Митоска. Композитор е Никола Мицевски, сценографијата е на Ивана Кнез и костимографијата на Сузана Брезовец.

Сподели