„Глува соба“ е насловот на концептуалното дело од архитектот и ликовен уметник Стојан Павлески кое вечерва во 20 часот ќе биде изложено во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Концептот „Глува соба“ ја преобмислува антрополошката димензија на уметноста во рамки на технолошката ера, во прeсрет на враќањето на примитивната енергија на капитализмот. „Глува соба“ трага по нови политички аксиоми, по нови форми на „слободно здружување“, со заложби за нова „апстрактна утопија“ која се надева на „општествено созревање“.
„Глува соба“ ја повикува заедницата да се соочи сосопствената хипокризија и идеолошки да го соочи „сиромашниот“ спектакл на капитализмот со „реалното“ на луѓето. „Глува соба“ не одрекува дека можеби е уште едно уметничко клише, уште една наративна тавтологија која само го потврдува присуството на големите означители, но и покрај тоа, таа се пројавува, се открива себеси, се себеконституира пред масите, пред замислената публика и нејзината ученост, повикувајќи на уште една револуција, сина револуција, предодредена/осудена на неуспех.
Ова е прва самостојна изложба на Стојан Павлески. Роден е во 1976 година во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет и на Факултетот за ликова уметност, оддел сликарство, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Постдипломец е на Архитектонскиот факултет. Учествувал на повеќе групни ликовни изложби во земјава и во странство. Павлески е еден од четворицата автори на проектот „Ничија земја“ со кој Македонија се претстави на 15. Венециско биенале за архитектура во 2016 година.





