Главна награда за „Домаќинство за почетници“ на фестивал во Норвешка

„Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски ја освои главната награда „Аурора“ на Меѓународниот филмски фестивал во Тромсе, Норвешка. Фестивалот се одржа од 15 до 21 јануари, а наградата, меѓу другото, беше и парична во износ од 5.000 евра. По овој успех следува и американската кинопремиера на 26 јануари.

„Домаќинство за почетници“ е третиот филм, а прв македонски на македонско-австралискиот автор Горан Столевски. На 6 септември имаше светска премиера на 80. Филмски фестивал во Венеција во програмата „Хоризонти“, при што доби одлични рецензии и ја освои една од паралелните награди „Квир лав“. Беше и македонскиот кандидат за „Оскар“, но не влезе во потесната листа за номинација.

Главните улоги ги играат Анамариа Маринка и Алина Сербан од Романија, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија и Владимир Тинтор од Хрватска. Во споредни улоги се македонските актерки Сара Климоска и Ајше Усеини и Розафа Челај од Косово.

Сподели