Ѓорѓи Цуцковски ја претстави програмата Охридско лето во Единбург

Програмата на фестивалот Охридско лето е претставена пред делегатите на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) што се одржува од 27 до 30 април во Единбург, Шкотска. Програмата ја претстави Ѓорѓи Цуцковски, директор на Охридско лето. Тој рече дека за кратко време ги завршиле подготовките за годинашното издание на фестивалот.

– Составивме богата и квалитетна уметничка програма со врвните уметници кои ги претставивме пред фестивалската елита во Единбург на Самитот на фестивалите – вели Цуцковски.

Самитот на уметнички фестивали традиционално се одржува еднаш годишно од 1952 година и во негови рамки ќе биде одржано и 73. Генерално собрание на ЕФА и средба на бордот на членови на Одборот на ЕФА. Една од темите за кои ќе зборуваат се глобалните перспективи и локалните контексти како можност за поврзување и откривање на диверзитетот на различните култури. Делегатите дебатираат и за можностите за поблиска соработка помеѓу фестивалите во иднина.

– Создадовме една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековната традиција на Фестивалот, една нова форма на креативно изразување која ни го отвора патот на успешна соработка со врвните фестивали во иднина – вели Цуцковски.

Во рамките на Самитот се предвидени и повеќе работилници кои се одвиваат паралелно на различни локации, на кои се обработуваат различни теми поврзани со модерните предизвици во областа на културата и придобивките од вештачката интелигенција. Една од темите е и фокусот на диверзитетот, еднаквоста, инклузивноста, пристапноста и припадноста на различните фестивали-членки на ЕФА.

Асоцијацијата ЕФА вклучува повеќе од 140 фестивали од 40 земји. Охридско лето членува од 1994 година.

Сподели