Претставата „Гидионовиот јазол“ од Џона Адамс во режија на Драгана Милошевски Попова ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Ова е втора премиера за Драмски годинава. Претставата е работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург е Викторија Рангелова – Петровска, а улогите ги толкуваат: Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски, Јоанис Далајоргос.

– Претставата „Гидионовиот јазол“ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник – објаснува режисерката.

Авторката Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Таа е авторка на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Тематски обработува општествено актуелни прашања. Нејзини најпознати дела се: „Гидионовиот јазол“ со повеќе од 40 премиерни изведби низ целиот свет, како и „Светски градители“ (World Buillders), „Без милост“ (Sans Merci), „Ангел јадач“, трилогија (The Angel Eaters Trilogy). Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стинберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.
Наредните изведби на претставата „Гидионовиот јазол“ се на редовниот репертоар на Драмски на 23 и 31 мај.





