Претстави од Франција, Србија, Словенија, Турција, Македонија од вечерва до 5 октомври ќе бидат на програмата на 3. Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, што го организира Театарот за деца и младинци од Скопје. Мотото е „Сè е твое“, инспирирано од безвременото писмо на Горан Стефановски, до својата внука Калина. Во дел од пораката, тој вели:
Сиот свет сега ти припаѓа тебе и сè во него е твое!
Твои се земјата и луѓето
И животните и билките,
И морето и рибите
И небото и птиците
Твои се сонцето и ѕвездите
И твоја е месечината
Сѐ е твое!

Цената на билетите е симболична и изнесува 150 денари, по повод ,,Светската недела на детето”.
-Среќни сме што годинава по трет пат ќе бидеме домаќини на исклучително квалитетни претстави од регионот и Европа. Програмата е побогата од претходните две години, а за тоа потврдува нашиот растеж кој го имаме како фестивал, изјави Катарина Илиевска – Силјановска, директорка на Театарот.
Театарот „Снег на трепките“ од Нант, Франција, ќе го отвори фестивалот вечерва со претставата „Не ме чекај“. Во наредните денови публиката ќе може да ужива во претставите: „Тогаш кога се изгубивме“ на „Краљевачки театар“ од Краљево, Србија, „Палешка“ на Куклениот театар од Љубљана, Словенија, „На гости кај Кате и Фреда “на театар „Бабец“ од Битола, „Си беше еднаш еден лав “, во изведба на Детски театар на Република Српска, Бања Лука, БИХ, „Прадевојче“ на Национален театар „Тоша Јовановиќ” Куклена сцена Зрењанин, Србија, „Светско шоу на ѕвездите“ на Кемал Фатих Полак, „Караѓоз театар“ од Истанбул, Турција, „Дупка и копче “ на „Илоко театар“ од Рим, Италија, „По трагите на волкот“ на Младински театар, Нови Сад, „О ла ла“ на Градски куклен театар, Риека, Хрватска.
Фестивалот ќе биде затворен со „Франкенштајн” на театарот-домаќин.
Покрај Гран-приќе бидат доделени и наградите за најдобра режија, две актерски награди, сценографија, костимографија, специјална награда. Селектор на фестивалот е режисерката Драгана Милошевски Попова, вработена во Театар за деца и младинци, а извршен продуцент е Миодраг Костиќ
-На фестивалската програма можеби не се најновите претстави од регионот и Европа, но затоа се најважните кои нашата публика мора да ги погледне. Претстави што отвораат мошне различни, но суштествено важни теми и форми – изјави Милошевски – Попова.
Жирито е во состав: Рената Ќарола Гатика од Хрватска, Ана Левајковиќ Бошков, актер во ТДМ и Билјана Крајчевска, драматург при Битолскиот театар. Претседател на советот на фестивалот е актерот Владимир Лазовски.
-Театарот за деца и младинци постои 33 години и среќни сме што трета година по ред се одржува овој фестивал. Наместо да зборуваме за тоа каде оди детскиот театар и за продукцијата, ние зборуваме за финансии. Оваа година работевме напорно и си го поставивме прашањето ќе нѐ биде или нема да нѐ биде’, но јас навивам за ова првото, рече Лазовски.
Детско жири ќе биде составено од седум члена и оваа година ќе биде застапено, кое повторно ќе има задача да ја оцени и награди најдобрата претстава на фестивалот, по нивен избор.
Фестивалот ќе ја продолжи соработката со Факултетот за драмски уметности, каде ќе биде одржан мастер класот на чешкиот режисер Јакуб Максимов, кој на сцената на ТДМ ја создаде наградуваната „Роња ќерката на ограбувачот“. Исто така ќе се одржи работилница за куклен театар и креативно пишување наменета за младите таленти, а истата ќе биде предводени од менторите: Давор Драгојевиќ од Црна Гора, Драгана Лукан Николовски, драматург во ТДМ и Хана Миленковска, режисер.
Фестивалот се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.





