„Фрагментирани реалности“ е насловот на изложбата на мултимедијалниот уметник Страхил Петровски која на 24 ноември во 20 часот ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, историчар на уметноста. Проектот е субјективна реакција и рефлексија на авторот на она што му (ни) се случува во ова проблематично и турбулентно време (и години наназад).

– Време на конфликти од секаков тип, политички превирања и разлики – време на изместени вредности, бескрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи и војни кои влијаат на виталноста на целата планета. Во тој контекст оваа изложба нема цел да ги реши проблемите, туку да генерира прашања, проблеми на свеста и совеста, да ги истражи основните вредности на нашето постоење (онтолошкото во нас како битија), слободата, напредокот, цензурата, самоцензурата – преминувајќи во фрази кои се спротивставуваат на овие принципи и ја ставаат под ризик слободата на човештвото… – вели Петровски.
Изложбата е дел од културната понуда на Град Скопје, во рамките на иницијативата Европска престолнина на културата 2028, а ќе биде отворена до 4 декември.

Петровски (1974, Куманово) е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломирал сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на Факултетот за ликовни уметности, во класата на проф. Родољуб Анастасов, каде во 2000 година завршил постдипломски студии. Од 2000 до 2002 година работи како надворешен соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники, кај проф. Момчило Петровски и проф. Вело Ташовски на ФЛУ, а од 2002 до 2010 година хонорарно е ангажиран во Националниот конзерваторски центар во Скопје како надворешен соработник конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони. Учествува и во реализацијата на првиот научноистражувачки проект „Брестал“, под менторство на проф. Петровски на ФЛУ.

Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.

Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор-реставратор во Националниот конзерваторски центар и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет во Скопје. Реализирал 20 самостојни излошби, а учествувал на многу групни претставувања во земјава и во странство. Добитник е на многу награди.






