Изложбата на фотографии „Точки на интерес“ од Живко Јаневски, доајенот на современата македонска уметничка и новинска фотографија ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во Културно-информативниот центар во Скопје. Ќе бидат поставени 110 дигитално испечатени фотографии кои Јаневски ги снимил меѓу 1989 и 1994 година. Куратоор на изложбата е Станимир Неделковски, раководител на Одделот за современа фотографија и филмски материјал вo Музејот на град Скопје. Станува збор за истражувачки проект од 2020 година на случајно пронајдени фотографски материјали (филмски негативи) од НИП „Нова Македонија“.
– Истражувањето насловено „Меморијата на Живко Јаневски“ се насочи во правец на пронаоѓање на фотографиите во дневниот весник „Нова Македонија“ и другите изданија на издавачкото претпријатие за нивно датирање и потребата за нивното објавување. Направен е детален увид на материјали кои се наоѓаа во пронајдените „жолти коверти“. Истражувањето во големиот материјал (285 црно бели филмови, 9500 негативи) упатува на сознание дека станува збор за еден релевантен документарен и авторски исказ – вели Неделковски.





