Протести и штрајк најави Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), ако Владата не им обезбеди прстори за извршување на наставната дејност. Тие бараат Владата да го задолжи Министерството за образование и наука да го исели Бирото за развој на образованието (БРО) од објект во Техничко-технолошкиот кампус во скопската Општина Карпош и просториите да му ги предаде на трајно користење на ФИНКИ. Барањата ги потпиша деканот на факултетот, проф. д-р Боро Јакимовски, по вчерашната седница на факултетската Управа на која ФИНКИ го изрази своето незадоволство до Владата.

Во соопштението се вели дека факултетот нема основни услови за извршување на образовната дејност. Од основањето во 2011 година факултетот е привремено сместен во Техничко-технолошкиот кампус и се соочува со просторни проблеми кои негативно влијаат на наставата и го спречуваат развојот на факултетот.

– Пред повеќе години беше стопирана изградбата на објектот кај Ректоратот на УКИМ, а пари за оваа намена не се предвидени ниту во буџетот за 2024 година – велат од ФИНКИ.
Во потрага по привремено решение тие побарале од Владата да наложи иселување на БРО кое користи три објекти во кампусот – два во сопственост на УКИМ, еден во сопственост на Владата.
– Бирото нема правен основ за понатамошна узурпација на овие објекти и затоа се обративме до Владата да се ослободат просториите, а таа што е во сопственост на Владата да му биде доделена на ФИНКИ на времено или трајно користење без надоместок – велат од факултетот.

Во последните два месеца барањето на ФИНКИ било ставено како точка на дневен ред на две последователни седници на Владата, но таа не донела никаква одлука туку го задолжила МОН во рок од 30 дена да изврши дислокација на БРО.
– МОН на средба со претставници на УКИМ и ФИНКИ информира дека активно не постапува по задолжението – велат од факултетот.
Тие се децидни ако на следната седница Владата не донесе позитивна одлука за нивносто барање, ќе презамат порадикални мерки, протести и штрајк.
Фото: ФИНКИ (уписи 2022)





