Во рамките на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ вечерва во 19 часот во Кинотека ќе биде прикажан краткиот филм „Angel’s Breath“ односно филм за музичката авантура на Милан Младеновиќ и Суба во Бразил кој го изнедри истоимениот албум. Во продолжение ќе биде прикажан филмот за Кирил Џајковски, „Современа музика за современа доба“ во продукција на ТВ Војводина.
Филмот е портрет на Џајковски и неговите достигнувања во електронската и филмската музика, а осврт е даден и на неговото минато со бендовите „Бастион“ и „Леб и сол“. Филмот досега не бил прикажан во Македонија. Истата вечер ќе бидат прикажани „Трагачи по звукот“ (бесплатна проекција) и „Primal Scream: Изгубените снимки од Мемфис“. Последната вечер ќе бидат прикажани филмовите „Кејт Буш: Трчајќи по ридот“ и „Марк Болан: Космичкиот танчер“.
Фестивалот го организира Здружението „Номад-Арт Скопје“ во соработка со Кинотека на Македонија, Гете Институтот и фондацијата Милан Младеновиќ.





