Филмот е колективна работа. Еден човек не прави филм. Наградата менe ми даде поттик да работам, но и да ги отвори портите на младите автори, кои ги има во изобилие во Македонија. Да им се даде шанса, затоа што не смееме да заборавиме дека филмот е еден од најголемите амбасадори на една земја, рече режисерот Митрикески во своето обраќање по примањето на наградата „Астер“, синоќа на отворањето на 19. издание на фестивалот „Астерфест“. Денеска во 11 часот во хотелот „Горан Пандев“ ќе се одржи традиционалниот „Астер портрет“ (Тивериополска филмска беседа) за Митрикески, на кој ќе зборува критичарот Стојан Синадинов.

Наградата му ја врачи градоначалникот Костадин Костадиновски на свеченост во Амфитеатарот.
– Струмица беше, останува и ќе продолжи да биде еден од најголемите културни центри во државава. Покрај многуте нешта со трајни културни и традиционални вредности, заслугата за високиот рејтинг на нашиов град на културен план, ја имаат и бројните меѓународни манифестации, меѓу кои е и Интернационалниот филмскиот фестивал „Астерфест“, како еден од најважните културни белези на нашиот ѕвезден град. Убеден сум дека сите заедно ја споделуваме радоста од речиси дваесетгодишниот успешен опстој на овој фестивал, кој од година во година бележи континуиран растеж, рече Костадинов.

Основачот на Фестивалот и уметнички директор, Горан Тренчовски, се заблагодари на сите кои помогнале во организирањето на фестивалот во изминатитe 19 години, а посебно на Општина Струмица.
– Од година в година Фестивалот расте, се развива. Ја задржува својата физиономија, но трошоците се зголемуваат и секако во таа смисла би сакал да продолжи таа соработка со институциите на државата и, пред се, со Општина Струмица, која е пример за поддржувач на културата и уметноста, рече Тренчовски.

Втората натпреварувачка вечер започнува вечерва во 20:30 часот, во Амфитеатарот, со претставување на двократните оскаровци Ким Магнусон и Ребека Прузан од Данска од страна на Саша Станишиќ, кои како југоисточноевропска премиера ќе го прикажат својот најнов филм „Љубовни маки“ во режија на Александер Саул.

Веднаш потоа следуваат уште десет ексклузивни кратки филмови: европската премиера на „Избавени од злотворот“ на Бенџамин Хекман и Лук Сарџент и „Мигови“ на Катја Фридрих, „Фортисимо“ на Виктор Цеска, „Солени животи“ на Рустам Мелиев, „Гнездо“ на Настимир Цачев, „За живеењето“ на Сезер Салихи, „Навја“ на Ана Шиленкова, „Почест“ на Мат Цискас, „Прошетка“ на Елеонора Венинова и „Ги знаеш правилата“ на Овен Тут. Авторите на повеќето филмови пристигнаа во Струмица и тие ќе ѝ се претстават на астерфестовската публика.

Во програмската селекција има 24 исклучителни кратки играни филмови, документарци и анимации кои ќе се натпреваруваат за Златната, Сребрената и Бронзената потковица и за неколкуте други награди.
Официјалното стручно жири го сочинуваат уметникот Никола Пијанманов, Зејгам Азизов, британски филозоф и уметник и Ганимет Сава, основачка и претседателка на Интернационалниот филмски фестивал „Уметност без граници“ во Приштина.
Фестивалот е финансиски поддржан од Општина Струмица.









