Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ја доби наградата за специјално достигнување што ја доделува Британското здружение на кинематографери со седиште во Лондон. Во образложението за наградата се вели:
„Филмскиот фестивал ,Браќа Манаки‘ е најстариот фестивал во светот, посветен на умешноста во фотографијата. Основан во 1979 година, фестивалот беше именуван по двајцата пионери на кинематографијата, Јанаки и Милтон Манаки. Со осамостојувањето на Македонија во 1991 година, фестивалот беше трансформиран во Меѓународен филмски фестивал кој ја слави светската кинематографија и ги истакнува нови таленти и пред и зад камерата. Вгнезден на Балканот, во шармантниот македонски град Битола каде живееле браќата Манаки, фестивалот и стана уметнички и креативен центар.“
Директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски, ја прими наградата на церемонијата на доделување на годишните награди на Британското здружение на кинематографери, која традиционално се одржува на почетокот на февруари во Лондон.
– Битола е нашата вечна инспирација, градот каде што светлината и сенките танцуваат во хармонија создавајќи приказни што го надминуваат времето. Лондон, пак, е местото каде што нашите предци ја пронајдоа алатката за оваа магија – нивната камера „Биоскоп“ со сериски број 300 . Денес со ова признание се затвора кругот меѓу двата града поврзани преку љубовта кон филмот и уметноста на кинематографијата – вели Дамевски.

Британското здружение на кинематографери, кое по американското е најстаро и најбројно национално здружение на кинематографери во светот, ја доделува оваа награда како признание за поединци или групи на поединци што посветено ја слават кинематографијата и придонесуваат за нејзината афирмација. Претходни добитници на наградата за посебно достигнување се легендарниот кинематографер Јост Вакано, еден од најзаслужните што кинематограферите денес имаат статус на автори, британската Национална школа за филм и телевизија и Меѓународната федерација на кинематографери ИМАГО.
На истата церемонија, наградата за животнo дело ја доби кинематограферот Дик Поуп, познат по долгогодишната соработка со режисерот Мајк Ли, а наградата за најдобра кинематограферска работа во долгометражен филм ја доби Лол кроли за филмот „Бруталист“, еден од најнаградуваните филмови во овогодишната сезона на награди.
Признанието што го доби ИФФКК „Браќа Манаки“ доаѓа како потврда дека филмската уметност е жива, дека моќта на еден кадар е безвременска идека тие што напродно работат не остануваат незабележани и се почитуваат како најголеми пријатели.





