Фестивалот на музика од светот од утревечер ќе ја разбранува Битола во добар звук

„Уметноста на звукот“ е мотото на 17. Фестивал на музика од светот, што ќе започне утревечер во 20 часот, со концерт групата „Фонтана“ од Битола и пејачката Гамзе Матраџи од Турција. „Фонтана“ 25 години остава печат на македонската и балканската сцена преку спој на традиционална музика со рок, метал, фанк и фјужн елементи. Гамзе Матраџи, пејачка родена во Измир со корени од Велес, позната по својот широк репертоар што ги спојува турската, македонската, ромската, албанската, босанската, грчката и српската традиција.

Фестивалот веќе седумнаесет години ја претвора Битола во точка на културна поврзаност и уметничка инспирација, рече директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски.
– Ова не е само фестивал — ова е средба на култури, јазици и звуци што се спојуваат во едно чувство: музиката како универзален јазик на човештвото – рече тој.

Годинашното издание се одвива под мотото „Уметноста на звукот“, кое го истражува просторот меѓу тишината и вибрацијата, меѓу традицијата и современото музичко изразување. Фестивалот останува верен на својата мисија да го негува дијалогот меѓу културите и да отвора простор за нови уметнички средби.

На прес-конференцијата се обрати и Благојче Трајковски, од групата „Фонтана“. Тој најави дека настапот ќе биде исполнет со претежно македонска музика, како и со избрани песни од турскиот репертоар на Гамзе, подготвени во уникатни аранжмани специјално за оваа вечер.

Фестивалот го поддржува Министерството за култура и туризам, како и Општина Битола.

Билетите од по 400 денари (фестивалски пакет – 1500 ден.) се во продажба на:https://narodenteatarbitola.com/events/gamazda/

Ова е целосната програма на фестивалот:

28.11 – Тања Царовска & Камерен оркестар Битола

Познатата македонска вокалистка Тања Царовска, со глобална кариера и учество во бројни филмски и театарски продукции, ќе настапи заедно со Камерниот оркестар Битола во музичко патување низ различни култури и континенти.

29.11 – Balkan Zoo & Нина Чориќ

Balkan Zoo, состав на басистот и композитор Марио Рашиќ, 13 години ја претвора балканската музика во современ world music звук. Заедно со вокалистката Нина Чориќ, со која ги објавија албумите Recycle и Muzika za ples, ќе ја донесат својата препознатлива прогресивна енергија на фестивалската сцена.

30.11 – Koza Mostra (Грција)

Меѓународно познатата група Koza Mostra, позната по својот енергичен спој на традиција, рок, ска и метал, ќе настапи во Битола веднаш по нивниот настап на Polandrock — еден од најголемите европски фестивали.

01.12 – Gamazda: Piano Rewind

Виртуозната пијанистка Gamazda (Александра Кузнецова), позната по нејзините преобразби на рок и метал класици во пијано аранжмани, ќе донесе спектакл со музика од 80-тите до 2000-тите.

OFF ПРОГРАМА

29.11 – Јован Милошевски (18:00, КИЦ Битола)

Битолчанецот Јован Милошевски, кој доаѓа од Шпанија, ќе се претстави со концертот „Мајчин јазик“ — програма составена од македонски и балкански песни изведени на класична гитара.

30.11 – The Doors Tribute by Eruption (22:00, Repeat Café)

Македонската рок група Eruption ќе одржи специјален Tribute to The Doors, посветен на легендарниот американски бенд.

Сподели