Факултетите за ликовни уметности на Скопје и Белград ја продлабочуваат соработката

На Факултетот за ликовни уметности во Скопје (Педагошки факултет) вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „ФЛУ Апертура 2024“ на Факултетот за ликовни уметности во Белград

Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (Педагошки факултет) вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „ФЛУ Апертура 2024“ на Факултетот за ликовни уметности во Белград. Ќе бидат изложени дела од шестмина одбрани уметници кои во моментов се на докторски уметнички студии на ФЛУ во Белград. Селектор на изложбата е доц. д-р Немања Николиќ. На отворањето ќе присуствуваат деканите на двата факултета, професори и дел од учесниците на изложбата. Изложбата ќе биде отворена до 26 ноември.

– Двете високообразовни институции ја продлабочуваат соработката со цел размена на искуства, знаења и вештини, развивање на уметничкото вмрежување, развивање можности за мобилност и заеднички проекти, вели проф. д-р Славица Јанешлиева, деканка на ФЛУ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Докторските уметнички студии на таа институција почнуваат од 2007 година. До април 2024 година докторирале 170 студенти.

Карактеристично за „ФЛУ Апертура 2024“ е формалната разноликост на изложените дела.
– Селекцијата не се базира исклучиво на формалните критериуми, туку ја илустрира и прикажува разновидноста на темите на уметничките истражувања во текот на докторските уметнички студии. Изложбата нуди актуелен увид во шест различни уметнички пракси, со сите нивни возбудливи манифестации и димензии, од апстракција до фигурација, од цртеж на хартија до делегирани перформанси. Од друга страна, како што може да се забележи, тематскиот спектар се движи од интимни искуства (од секојдневието) до прашања за родот и идентитетот – велат организаторите.

Селекторот Николиќ вели дека одлично поминала подготовката на изложбата.

– „ФЛУ Апертура 2024“ не ја илустрира само основната улога на Факултетот за ликовни уметности, туку истовремено ја преиспитува неговата функција денес. Воедно ја повикува нашата институција да остане отворена за експеримент и авантура која произлегува од постојаната желба за откривање на непознатото и сè уште невиденото – вели тој.

 

На изложбата се застапени дела од Ивана Ивковиќ, Марко Марковиќ, Миодраг Манојловиќ, Богољуб Ѓоковиќ, Лена Милановиќ и Александар Ракезиќ.

Уметницата Ивана Ивковиќ е препознатлива и признаена на домашната и меѓународната уметничка сцена со својот исклучително афторефлексивен пристап. Нејзината серија на фотографии е документација од перформансот Друго тело – нејзин истражувачки проект од областа на делегираниот перформанс. Овие дела тематски ги обработуваат темите на идентитет и род, преиспитуваат и доконструираат стереотипи на улогите на родот.

Марко Марковиќ се претставува со монументална инсталација/цртеж изведена како графит на ѕид. Цртежот под име „Лева комора на срцето“ е создаден во 2012 година, по повод неговата самостојна изложба De Humani Corporis Fabrica, на ѕидот на галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Белград,. По завршувањето на изложбата Марковиќ уредно и педантно го „извадил“ цртежот од ѕидот, за истата година повторно да го изложи во Домот на млади на изложбата „Големи очекувања“. Во оваа пригода, по временеска дистанца подолга од деценија, Марко го враќа оригиналниот гипсен ѕид со цртежот, назад на местото каде оригинално настанал.

Миодраг Манојловиќ, уметник од Бања Лука, најчесто се занимава со цртеж и анимација и истражување на мулти-формните и повеќејазичните начини на комуникација. Низ слики и звукови неговите дела истражуваат и упатуваат на коренот на креацијата и емоцијата, држејќи ја фантазијата на гледачот во неизвесност. На оваа изложба тој се претставува со серија од 163 цртежи / фрејмови од серијата Serenity (Спокој) нацртани со молив на хартија.

Уметникот од помладата генерација Богољуб Ѓоковиќ, на оваа изложба е претставен со серија монументални цртежи на кои се прикажани елементи на пејзаж преземени од сценографија на видеоигра, а настанати со испишување на бројки со машина за куцање/пишување. Бесконечните низи на бројки кои градат цртеж по принципите на поинтилистичкото сликарство имаат речиси исповеднички карактер и претставуваат број на часови кои уметникот ги поминал играјќи ја видеоиграта.

 

Уметницата Лена Милановиќ првенствено ни се обраќа низ поле на геометриска слика со остри рабови која настанува како специфичен вид на пост-дигитална слика. Тргнувајќи од интимни фотографии, уметницата создава ремедијација низ традиционалното сликарство проникнувајќи во длабочината на природата на дигиталната слика и нејзиниот кодиран запис.

Цртежите на хартија на Александар Ракезиќ, реализирани со нестандардна сликарска техника, односно со козметички сенки за очи, прикажуваат рекламни страници од списанието Бурда од осумдесеттите години на минатиот век. Ова се продолженија на творечкото континуирано и исцрпно истражување на тема на масовни медиуми и нивното влијание на современите општествени текови.

Сподели