Под мотото „Езерото не е корпа за отпад“ во Сруга викендов се одржа еко-акција за чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро. Млади на повеќе плажи собираа отпад во рамките на проектот „Екологија, дел од нашата култура“ кој се реализира со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Целта на проектот е подигнување на свеста за здрава животна средина. Од Здружението на граѓани „Нова порта“ велат дека интересот кај младите е голем.
– Изминатиот период на повеќе локации собиравме отпадот. Преку транспаренти испративме еколошки пораки за заштита на Охридското Езеро – велат од „Нова порта“.

Исчистените плажи се обележани со знамиња.
– Креирањето на каква било политика поврзана со здрава животна средина е процес кој почнува од најрана возраст. Секој еден од нас првите информации ги прима во рамките на своето семејство, а потоа и преку образовниот процес. Ваквите акции ги поддржуваме во целост во поглед со работа со најмладите кои треба да имаат здрави навики – вели Никола Кукунешоски од Извидничкиот центар „Скаут“.

Од спортскиот клуб „Соларис“ кои беа дел од еко-акцијата велат дека ваквите акции пред сè имаат едукативна намена, а практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина.
– Преку овие акции ги едуцираме младите и вложуваме во утрешнината на екологијата – вели Коста Хиохи од клубот „Соларис“ од Струга.
Во рамките на проектот беше организирано и подводно чистење на езерото, а собраниот отпад беше презентиран пред младите на кои им беше потенцирана штетноста врз ендемичниот свет, кој милиони години живее во Охридското Езеро.





