Европскиот шампион Петар Мијалков и пријателите израдуваа повеќе од 500 деца со новогодишни пакетчиња

Македонскиот успешен мотоциклист и европски шампион Петар Мијалков, заедно со своите пријатели, и оваа година ја продолжи хуманата традиција. Во четвртокот, четврта година по ред, со моторите ги посетија дечињата со посебни потреби во Штип и им приредија претпразнично изненадување, а во саботата (27 декември) во центарот на градот се одржа настанот „Дедо Мраз на две тркала во Штип“, на кој беа израдувани повеќе од 500 деца со новогодишни пакетчиња.

Во време кога вистинските вредности сè почесто се губат во брзото секојдневие, постојат луѓе кои со своите дела нè потсетуваат што значи да се биде голем – не само како спортист, туку и како човек. Таков пример е нашиот успешен мотоциклист и европски шампион Петар Мијалков, велат од неговиот тим.

Мијалков заедно со своите пријатели посети три институции во Штип – Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“, Дневниот центар за деца со посебни потреби во Ново Село и Дневниот центар за деца со аутизам.

Хуманата приказна продолжи и во саботата, на 27 декември, кога Штип живееше во празничен дух. На еднонасочната улица Ванчо Прке, попозната како „Шеталиште“, се одржа настанот „Дедо Мраз на две тркала“. Околу 30 учесници успеаја да израдуваат над 500 деца, подарувајќи им пакетчиња, насмевки и радост што долго ќе се памети.

Сподели