Европска киновечер во Битола со проекција на оскаровецот „Тајната во нивните очи“

3Д Кино Битола ќе биде дел од големото издание на European Cinema Night 2025. Оваа година, во своето осмо издание и во партнерство со програмата EULAC на Европската комисија, Европската киновечер ја истакнува културната размена и длабоките врски меѓу Европа и регионот на Латинска Америка и Карибите. Истовремено со уште 88 кина ширум Европа, Битола ќе стане дел од заедничката прослава на филмската уметност што ги спојува континентите.

Посетителите ќе имаат можност да уживаат во внимателно селектирана програма која носи силни чувства, уметничка длабочина и културна инспирација. Во 19.45 часот ќе биде прикажан аргентинскиот оскаровец „Тајната во нивните очи“.

Овој аргентински трилер-драма, режиран од Хуан Хосе Кампанела, ја следи приказната за пензионираниот истражител Бенхамин Еспосито, кој по децении одлучува повторно да отвори нерешен случај што го прогонува цел живот. Филмот мајсторски ги спојува мистеријата, психолошката драма и суптилната романса, сместени во политички турбулентниот контекст на Аргентина.

Добитник на „Оскар“ за најдобар странски филм, „Тајната во нивните очи“ е еден од најценетите филмови на современата латино-американска кинематографија. Публиката ширум светот го препознава по длабоката емотивна приказна, актерските изведби што оставаат силен впечаток и незаборавните сцени кои остануваат долго по крајот на филмот.

По филмот, ќе следува дискусија на која ќе учествуваат: д-р Ангелина Станојоска – професор по криминологија, Правен факултет УКЛО, Гоце Цветановски – филмски режисер, Марјан Георгиевски – актер и режисер.

Во 22.30 ќе следува слем поезија со Валерија Дамчевска + латино музика со DJ Ile The Hair. Влезот е бесплатен.

Сподели