Етнолошката изложба „Скутина, фута, бовча, диљка“ во Куманово

Изложбата „Скутина, фута, бовча, диљка“ денеска во 13 часот ќе биде отворена во фоаjето на Центарот на култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Во фокус на поставката е скутината, дел од традиционалната облека познат под различна локални имиња: фута, бовча, дипла, скутача, телена диљка, опрегач заен, опрегач преен, бокча, пештемал… Автор на изложбата е етнокореологот Бојан Петковски.

Во рамките на мултимедијалната изложба ќе бидат претставени автентични предмети најдени на теренските истражувања проследени со црно-бели фотографии на коишто е забележан идентичен предмет.

– Веродостојноста на дел од скутините ќе може да се утврди преку методот на компарација со визуелна оставина од минатото. Преку методот на рефлексија, дел од скутините гледачот ќе може да ги пронајде на старите црно-бели фотографии. Континуитетот на проектот е содржан во методот на самоистражување, каде ќе бидат изложени „анонимни“ скутини, кои ќе стимулираат интерес за нивно истражување. Преку засебни паноа за атипични примери за носење на скутини, ќе се забележи и едукативниот карактер на проектот – вели Петковски.

Кон крајот на 20 век носијата била во својот полн сјај, а се карактеризирала со слоевитост во облековните елементи и накитот. Првата визуелна средба меѓу носијата и гледачот, секогаш го насочува своето внимание на скутината. Централно поставена, генерално во големи димензии, таа чинeла голем дел од целокупната слика на носијата. Покрај кај жените во сите етнички, возрасни и социјални категории, скутината е забележана и во голем дел на машката култура на облекување. Во скутините се напластени основните човекови потреби, но и низа скриени знаци.

Сподели