Околу 200 библиотекари, истражувачи и културни дејци од регионот и пошироко учествуваа на 25. Меѓународна конференција за библиотекари„Библиотеки и културно наследство“ што се одржа во Требиње, Република Српска. Македонија ја претстави докторанд Елена Станкоска, виш библиотекар при Библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид. Таа имаше свое излагање на тема „Културното наследство низ призмата на библиотеките“.

Излагањето беше посветено на македонското културно-историско наследство, со посебен акцент на Охрид.
– Присуството на ваква конференција има повеќекратно значење – не само што се афирмира богатството на македонската култура пред меѓународната публика, туку се создаваат и нови мостови на соработка со сродни институции од регионот и светот. Овие конференции се платформи од особено значење кои овозможуваат размена на знаење, искуства и добри практики, како и заедничка грижа за зачувување и промоција на културното наследство како дел од колективната меморија на народите – вели Станкоска.
Според неа, учеството на вакви настани и промоцијата на македонското наследство уште еднаш потврдуваат дека нашата култура има што да понуди и дека гласот на Македонија сè посилно одекнува на меѓународната сцена.





