Во Уметничката работилница „Лазарети“ во Дубровник викендoв беа прикажани експерименталните филмови Next Generation и Stuck Together од нашата мултимедијална уметница Тања Балаќ.
Видеоанимацијата Next Generation 5’20” (2023) се однесува на проблемите и апсурдите на денешницата со кои се соочуваат децата и младите секојдневно – анксиозност, психоза, апатија, еколошки катастрофи и кризи, војни, економски кризи и колапс на системот на вредности и знаење.
– За филмот, самата авторка вели дека главната порака е критика на реалноста и хаосот во кој живееме. Преку „крикот“ на дете чии затворени очи зборуваат за детството, за невиноста, неизвесноста и стравот од иднината, но истовремено предупредуваат на сите нарушени вредности кои ги наследиле. Меѓучовечките односи, отуѓеноста и изолацијата што ги живееме во овој дигитален свет и апелот за љубов и разбирање, како единствена можност за повторно поврзување, беше тематски врзана со годиншаниот „Зимски салон“ во Скопје на кој Балаќ освои Гран при. „Зимскиот салон“ е биенална манифестација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија што се одржува 40 години – велат од „Лазарети“.
Stuck Together 5’35” (2020) е експериментален филм со кој авторката отвора бројни социјални прашања, нагласувајќи ја миграцијата и значењето на семејството и домот. Видеото пренесува сериозна социјална порака, а ја нагласува свесноста за судбините на луѓето од различни делови на светот кои барајќи подобар живот и свое засолниште остануваат затворени и заглавени во просторот и времето. Филмот се обидува да го претстави дискурсот за актуелните миграции и мигранти, да ги погледне во поширок контекст и низ конкретна уметничка практика. Досега овој филм е прикажан на повеќе меѓународни фестивали.
Тања Балаќ (Скопје, 1968) во 1991 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот сликарство. Поплочувајќи го својот уметнички и професионален пат, магистрира на истиот универзитет во 2008 година. Таа е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1991 година, а во периодот 2006-2013 година ја врши функцијата претседател. Од многуте стручни посети надвор од Македонија, треба да се издвои студиската обука во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство го збогатува со учество на меѓународни фестивали и изложби, за што повеќепати има добиено меѓународни признанија и награди. Покрај сликарството, во последната деценија активно истражува и во областа на новите медиуми. Работи во сликарство, инсталации, експериментален и документарен филм и видеоуметност. Живее и работи во Скопје.





