Македонскиот експериментален филм „Лима“ во режија на Батухан Ибрахим утре ќе биде прикажан на 78. издание на Канскиот филмски фестивал во рамките на селекцијата Short Film Corner. Филмот ќе има и својата затворена проекција на Кан наменета за филмски дистрибутери и селектори.
„Лима“ е експериментален филм кој го следи патувањето на три силуети низ времето, низ просторот на поранешна Југославија, низ урнатини од заборавени спомени и скршена надеж.
– Играјќи си со спомените, минатото и трансформативната моќ на она што било и може да биде, филмот прикажува една дисторзирана перцепција на просторот, телото и времето. Препуштајќи се на ритамот на минатото, трите тела будат еден исчезнат, замрзнат во времето, свет кој пркосно одбива целосно да избледе од сеќавањето – вели Ибрахим.
Филмот е во продукција на „К.Ц. Медиа артес“, „Зенит продукција“ и „Танц бункет’. Ибрахим е продуцент на филмот, заедно со Јасмина Билаловиќ и Ивана Балабанова. Ко-продуценти се Апофенија Пост и Стефан Ѓорѓиевски, кој се потпишува и како директор на фотографија.
Кореографијата е на Ивана Балабанова. Играат: Тереза Лазарев, Стефани Шааршмидт, Софи Ларсон.
Батухан Ибрахим е филмски режисер и сценарист, магистер по филмска и ТВ режија при Факултетот за драмски уметности – УКИМ. Неговото творештво опфаќа кратки играни, експериментални и документарни филмови. Неговиот студентски филм „Twisted“ (2020) е прикажан на повеќе од 20 интернационални фестивали и е добитник на 8 награди. Независниот филм „Мавера“ (2023) доби специјално признание на фестивалот „Браќа Манаки“ и беше дел од неколку реномирани фестивали, вклучувајќи ја и официјалната селекција на филмскиот фестивал во Тирана. Во моментот работи на својот прв долгометражен игран филм, како и на неколку нови краткометражни проекти.
„Лима“ реализиран со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во Македонија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија, Министерството за култура и туризам, Битрикс Културен Центар и Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид.
Насловна фотографија: Ања Калин





