„Ефимин“ или „Од нас зависи“ – фанзин на млади ентузијасти од Струмица

Младинското здружение „Псалтер“ од Струмица го објави фанзинот „Ефимин“ или во превод од старогрчки јазик – од нас зависи. Ова е вториот број, по пилот-изданието објавено во декември минатата година. Фанзинот е двомесечник со 40 страници. Здружението функционира како културолошка иницијатива и еден од проектите е фанзинот, велат членовите на „Псалтер“.

-Одлучивме да дејствуваме и во областа на издаваштвото, па така се формираше и тимот на уредници составен од десетина младинци (претежно студенти) од повеќе градови низ државата и на различни факултети (дома и во странство). Едноставно согледавме дека на нашата младина ѝ фали допир со печатен материјал од овој вид и земајќи си волонтерска обврска, ја крстивме „ефимин“ што на старогрчки значи „од нас зависи“.  Тематиката е разнолика и ги опфаќа сите сфери од културниот живот на младиот човек како филозофија, сликарство, музика, филм, историја итн. во облик на колумни, рецензии, мисли и интервјуа и со цел да се поттикне читателот да размислува подлабоко и да ја бара големата слика. Ние не даваме одговори, туку само поставуваме прашања и почнуваме дијалог. Одговорот останува задача на читателот. Секако, има и родољубив карактер со тоа што промовираме домашна уметност и артисти од сите времиња – велат од „Псалтер“.

Може да се купи во „Лабораториум“ и „Буква“ во Скопје, како и во „Мала сцена“ и „Вторник крафт бар“ во Струмица.

Сподели