Еден сребрен и две бронзени медали своија средошколците од Македонија на 15. Светска олимпијада за геонауки IESO-2022 (International Earth Science Olympiad) што се одржа онлајн, а земја-домаќин беше Италија. Нашето претставување го организираше Македонското географско друштво.
Марија Велкоска од Прилеп, ученичка во приватното средно училиште Американска гимназија во Скопје, освои два медала – сребро за Earth System Project (истражување во рамките на меѓународен тим ученици) и бронза за т.н. Data Mining Test. Борче Исакоски од приватното средно училиште Јахја Кемал од Струга, освои бронзена награда за Earth System Pledge. Учениците Сара Маневска и Давид Димовски постигнале исто така солидни резултати.

– Со оглед на сосема скромните услови за подготовка, може да бидеме задоволни од постигнатиот успех на Македонија на оваа олимпијада, иако секогаш може повеќе. Учеството на Олимпијадата нè направи сите побогати со нови доживувања, нови искуства и нови пријателства. Задоволни од успехот, со верба дека можеме и повеќе, веќе се размислува за учество и развиорување на македонското знаме на следната Олимпијада во 2023 година – вели д-р Ивица Милевски, кој со д-р Свемир Горин, професори на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје од мај до август ги подготвуваа младите олимпијци.
Техничката организација на националната подготовка била изведена со помош на д-р Билјана Апостоловска-Тошеска и сите професори на Институтот. Учениците биле избрани со селекција на државниот натпревар по географија и дополнителен избор според покажаните знаења. На Олимпијадата учествуваа речиси 200 средношколци и 150 ментори од 35 држави, од 6 континенти.





