Сребрен медал за Дамјан Давков, бронзени медали за Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Никола Стојковски од Скопје, Виктор Максимоски од Гостивар и Владимир Грчев од Кочани и олимписка пофалба за Андрија Младеновиќ од Скопје освои македонската репрезентација на 16. Јуниорска балканска олимпијада по информатика, што се одржува во Струмица.
Тимот беше раководен од лидерите, д-р Емил Станков и Андреј Шеќеров од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Овој резултат на нашите ученици, јуниори, ветува светла иднина на информатиката во Македонија, велат од Здружението на информатичарите на Македонија, организатор на олимпијадата што се одржа онлајн.

Претседавач на олимпијадата е проф. д-р Миле Јованов, а е организирана со поддршка од здружението „Бистри умови“, фондацијата „Заеви“ и неколку општествено-одговорни компании од нашата земја. Натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери.
Дополнително, заради обезбедување на комплетна регуларност на натпреварот, натпреварувачите беа и под постојан видеонадзор (видеокамера и софтвер за снимање на сите активности на натпреварувачот на компјутерот на кој што работи) од претставници на интернационално жири.
Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на хотелот „Сириус“ во Струмица, каде што беше сместен за целото времетраење на олимпијадата, заедно со членовите на организацискиот одбор и интернационалното жири. Целокупната техничка реализација на натпреварот, вклучувајќи го и видео надзорот, беше обезбедена од страна на ФИНКИ.
На годинешната Јуниорска балканска олимпијада по информатика учествуваа тимови составени од натпреварувачи – ученици на возраст до 15,5 години, од следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија и Србија. Исто така, во неофицијална конкуренција, како гости учествуваа и тимови од следниве земји: Хрватска, Киргистан, Саудиска Арабија и Украина. Вкупно, на ЈБОИ 2023 учествуваа 31 натпреварувач во официјална и 33 натпреварувачи во неофицијална конкуренција. Златните медали отидоа во рацетена учесници од Бугарија и Романија, а најдобро пласирана беше бугарската натпреварувачка Симона Христова.

Следната Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2024) ќе се одржи в година во Кипар.
– Со успешната организација на овој настан Здружението на информатичарите на Македонија успешно ги привршува своите овогодишни активности, кои вклучуваа: организација на националниот циклус на натпревари по информатика, успешно учество на 5 интернационални олимпијади со освоени 10 медали и неколку олимписки пофалби, како и организација на масовниот натпревар, предизвик за учениците, Дабар 2023, кој се одржа на средината на ноември со учество на преку 18.000 ученици од 146 основни и 33 средни училишта од Македонија. Нашата работа е доказ дека и со минимални средства, но со максимални залагања, може да се постигнат големи успеси, и да се даде придонес во развојот на информатиката и информатичкиот потенцијал на нашата земја во иднината.“





