Дводневен хакатон за филмски маркетинг на „Синедејс“. Пријавете се

Дводневен хакатон за филмски маркетинг во соработка со престижните европски маркетинг-агенции Alphapanda и Luckytime ќе се одржи во рамките на годинашното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој се одржи од 4 до 6 декември во Младинскиот културен центар во Скопје. Може да се пријават млади автори, продуценти, студенти и професионалци од областа на филмот, комуникациите и маркетингот и сите љубители на визуелни приказни кои сакаат да научат како се создава ефективна и препознатлива промотивна кампања. Крајниот рок за пријавување е 21 ноември. Бројот на учесници е ограничен, а избраните кандидати ќе добијат известување по е-пошта најдоцна до 25 ноември.

На првиот ден (5 декември) учесниците ќе работат во групи, развивајќи вистински стратегии за филмски маркетинг, под внимателно водство и насоки од меѓународните експерти. Работата ќе биде проследена со презентации и конструктивни коментари што ќе им помогнат на учесниците да размислуваат како професионалци во индустријата. Денот ќе заврши со проекција на филм од програмата на „Синедејс“, избран специјално од страна на експертите.

Вториот ден (6 декември) ќе биде посветен на продлабочување на знаењата: како се оформува приказната за еден филм за да допре до вистинската публика, што ја прави една кампања незаборавна, и на кој начин се создава содржина што ќе се споделува, клика и памети. Под менторство на водечките европски агенции Luckytime и Alphapanda, учесниците ќе работат на реални примери, ќе изведуваат практични вежби и ќе развиваат тимски стратегии. Денот ќе биде заокружен со презентации, анализа и детални повратни информации. Секој ден од хакатонот ќе трае околу шест часа, со предвидени паузи и многу простор за креативност.

Пријавувањето е со пополнување на апликација на линкот.

Агенцијата Alphapanda, со седиште во Берлин и тимови во Варшава, Лозана и Милано, веќе повеќе од една деценија е меѓу водечките имиња во европскиот филмски маркетинг. Нивното портфолио опфаќа соработка со компании како Warner Bros., 20th Century Fox, BFI, NEON, Curzon, European Film Awards и многу други. Од друга страна, париската агенција Luckytime се истакнува со својата специјализација во дигиталниот маркетинг за кино и аудиовизуелната индустрија, со клиенти меѓу кои се CNC, AFCAE, StudioCanal, MK2, Pyramide и Jour2Fête.

Хакатонот е организиран со финансиска поддршка од програмата „European film festival support“ на Европската унија, под имплементација на Cineuropa.org, Institut français и Goethe-Institut. Целта на програмата е да го поддржи развојот и да го подобри квалитетот на европските филмски фестивали што се организираат во различни земји ширум светот.

24. издание на „Синедејс“ ќе се одржи во МКЦ од 3 до 10 декември.

Сподели