Издавачката куќа „Макавеј“ неодамна ја објави најновата стихозбирка од современиот португалски поет и лекар Жоао Луис Барето Гимараиш со наслов „Движење“. Стихозбирката, финансирана од португалскиот фонд „Камоиш“ и Генералниот директорат за книги, архиви и библиотеки ДГ-ЛАБ на Португалија, е препев на поетесата Наташа Сарџоска. На почетокот од годинава, „Макавеј“ објави и избор од поезијата на Гимараиш „Времето тече низ слогови“, а македонското издание на „Движење“ е првото објавено во странство после првичното издание на португалски јазик.
„Сакав да напишам книга што ќе ги одрази тензиите што постојат во една седмица, од сабота до следниот петок, искористувајќи ја мудроста на древните народи што ги именувале деновите од седмицата според боговите или според небесните тела, во латинската номенклатура: сабота (ден на Сатурн), време; недела (денот на сонцето), созданието, семејството; понеделник (ден на месечината), меланхолија; вторник (ден на Марс), војната; среда (денот на Меркур), преговори, дијалог; четврток (денот на Јупитер), право и рамнотежа; петок (денот на Венера), страст и љубов. Тоа е како да цртам наративна тензија во текот на седмицата со ситуации што се појавуваат и минуваат низ дискусија, преговори, урамнотежување, награда, одмор, пресоздавање и, во циклична игра, се поврзани со претстојната тензија. Ете, така ни се редат седмиците во нашата современост, за кои книгата е организирана во вакво циклично „Движење”. Иронично е што, во Португалија, книгата се објави токму во годината кога сите бевме лишени од слободата и, поради пандемијата, поминувавме месеци во изолација … без слобода“ – изјави Жоао Гимараиш.

Запрашан за важноста на поезијата во денешниот свет, особено во време на неизвесност како нашето, кога личната изолација станува сè по „нормална“, Гимараиш вели дека „поезијата е и ќе биде за него географија на мислата. Од оваа причина, таа никогаш не смее да престане да биде место на отпор, каде вистината наоѓа засолниште и го употребува својот јазик на изборот: иронијата.“





