Две награди за „Неми филмови“ на Крсте Господиновски на фестивали во Хрватска и Русија

Краткиот анимиран филм „Неми филмови“ во режија на Крсте Господиновски, освои две награди на два значајни фестивали за анимирани филмови. Станува збор за фестивалот „Инсомнија“ во руските градови Калуга и Москва, каде доби „Посебно одликување од жирито“, а „Специјална Грандтун награда“ доби на фестивалот „Супертун“, што се одржа во Шибеник, Хрватска.

„Неми филмови“ е во продукција на „Фокус покус филмс“ и „Флип бук продакшнс“.  Филмот учествуваше и на фестивалот „Анибар“ во Пеќ, Косово, што се одржа од 14 до 20 јули. Овој фестивал секогаш успева да ги привлече најголемите имиња од светот на анимацијата.  Фестивалот „Инсомнија“ се одржа од 17 до 21 јули во Калуга и Москва и е еден од најголемите светски фестивали за анимиран филм под отворено небо.

Во своето излагање на доделувањето, жирито за Грандтун програмата во Шибеник, составено од истакнатите Варја Јаковлева, Томас Џонсон и Микаела Мулер ќе изјават дека Специјалната Грандтун награда се доделува „за извонредната игра на камерата која хипнотично нè води низ заборавените предели на времето, истакнувајќи честички љубов кон уметноста на филмот.“

Ова е одличен старт за филмот, имајќи предвид дека неговата премиера беше минатиот месец на најпрестижниот фестивал за анимиран филм во Анеси, Франција и од тогаш се прикажа на пет фестивали, а веќе за септември, потврдена е селекцијата на фестивалот посветен на стоп-анимацијата „Стоптрик“ во Марибор, Словенија како и за Светскиот фестивал за анимиран филм во Варна, Бугарија. Филмот наскоро ќе може премиерно да го погледне и македонската публика на отворањето на Европскиот фестивал за авторски анимиран филм „Флипбук филм фестивал“ во Скопје, кој ќе се одржи традиционално во Кинотека на Македонија, од 7 до 10 август.

Веднаш по проекцијата во Скопје, „Неми филмови“ ќе биде прикажан како дел од официјалната селекција на „Дрим шорт филм фестивал“ во Струга.

Сподели