Повеќе од 5.000 објавени авторски текстови и информации, скоро 10.000 следбеници на социјалната мрежа „Фејсбук“, повеќе од 1.300 на Инстаграм, повеќе од 500 следбеници на Линкдин. Две години Умно.мк е присутен во дигиталниот медиумски простор во Македонија. УМНО, идејно конципиран како акроним од УМетност, Наука, Образование, главниот фокус го става на темите од областа на уметноста и културата, науката и образованието во нашата земја.
Умно.мк е платформа, место каде своите ставови јавно, без цензура може да ги искажат сите. Дебатите се јавни и отворени за сите и на сите теми, доколку се аргументирани и се почитува основното правило за културен дијалог. Сè уште го почитуваме правилото на „втора страна“ во новинарството. Затоа што веруваме дека професионалните новинари треба да се бариерата, филтерот на точните, проверени информации кои стигаат до читателите.
Умно.мк немаше да стигне до тука без поддршката од неколку соработници која полека прераснуват и во бизнис-партнерство, особено без поединците-пријатели кои ја разбраа нашата идеја и секојдневно ни помагаат да ја реализираме и шириме. Тие се УМНО, колку што сме и ние. Ним и на нашите семејства сме им бескрајно благодарни, како и на вас, читателите што ни ја давате вашата доверба.
Продолжуваме понатаму.
Тимот на Умно.мк





