Двајца шармантни актери, две лажици, една гитара, една мандолина, еден кромид… и многу насмеана публика!

Исклучително шармантни, музикални, креативни актери видовме синоќа со гостувањето на театарот „Улисис“ на фестивалот РУТА во Драмски театар во Скопје. Актерите Никола Недиќ и Марио Јовев со многу смисла за хумор, низ час и кусур ја понесоа публиката што го наполни гледалиштето низ многу приказни автентични за современа Хрватска, но во повеќето од нив и за нас во Македонијa.

Концерт-кабарето за лажици и гитара го играат низ Хрватска и други земји веќе девет години, но тоа е отворен концепт во кој постојано се вметнува нешто ново, со оглед на тоа дека и короната и земјотресот во Загреб од пред некоја година, беше една од темите за нивните песни. Во создавањето на делото им помогнаа Ленка Удовички и Раде Шербеџија, основачи на театарот „Улис“ на Бриуни.

Недиќ и Јовев покажаа дека за театар треба јасна идеја, јасен јазик што ќе го најдете за да ја искомуницирате публиката и искрен пристап!

Публиката уживаше, ги награди двајцата со силна смеа и аплаузи. Концерт-кабарето заврши со тркалезна маса во холот на Драмски, кога публиката можеше да поразговара со актерите и екипата на театарот.

Фотографии: Филип Кондовски

Сподели