Каде и да живеам, корените не си ги заборавам, ова се зборови и мисла-водилка на музичарот Дуке Бојаџиев. Со тоа чувство и полното гледалиште на Македонската филхармонија завчеравечер задоволна си замина со уште едно ново незаборавно искуство што ни го приреди Дуке со своите пријатели. Овој пат фокусиран на филмските партитури што ги создавана во последните две децении, во македонски и странски проекти. Милина на душата и галење на сетилата беше концертот „Кинематика“ во кој низ двочасовно патување Дуке нè понесе низ многу филмски приказни.

На концертот му се придружија Злата Тошевска Димовска, сопран, Михајло Михајловски, прва виолина, Милена Тодороска Мургоски, втора виолина, Марија Димитријевиќ, виола, Енис Аљи, виолончело, Мартин Ѓаконовски, контрабас и Павел Ренџов – тапани, перкусии. Бојаџиев со посебен пиетет зборуваше за нашите музичари, истакнувајќи дека на толку метри квадратни не сретнал толку добри музичари.

Музичкото патешествие наречено „Кинематика“ го започна со шест композиции од извонредниот саундтрак за музиката на The Walk (Одење пеш) на нашата режисерка Тамара Котевска. Нè понесе Дуке по патот на слободата, по патот на барањето на гласот на куклата Амал… Музиката во филмот на Котевска има извонредно значајна улога, а дури и изведена во покамерен состав, беше доволно силна да ја допре публиката.

Дел од режисерите со кои Дуке има соработувано низ годините беа присутни на концертот. Меѓу нив беа Котевска и Митко Панов. Беа изведени неколку композиции од филмот „Војната заврши“ на Панов, меѓу кои „Дом“. Токму „Дом“ беше своевиден лајтмотив на концертот, а истата композиција беше и изведена на бис како награда за публиката.

На репертоарот беше и неизбежниот и можеби најпрепознатлив звук на Дуке во последните години од филмот „До балчак“ на Столе Попов. Слушнавме и неколку теми од два филма на Рајко Грлиќ, „Караула“ и „Уставот на Република Хрватска“.
Ексклузивен спонзор на концертот беше „Халкбанк“.

Фотографии: Вангел Тануровски/ преземено од ppj.mk





