„Друг нема да ги раскажува нашите приказни“. Премиера на „Црно семе“ во режија на Андреј Цветановски

Дејството е лоцирано во времето на Граѓанската војна во Грција (1946) кога припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнуваат со упатување во логор на пуст остров

Во Битолскиот театар вечерва во 20 часот премиерно ќе биде изведена „Црно семе“, работена според романот на Ташко Георгиевски во режија на Андреј Цветановски. Театарската екипа вечра одржа прес-конференција. Ова е проект годинава поддржан од Министерството за култура и туризам.

„Црно семе“ е еден од култните романи на Ташко Георгиевски. Завчера се навршија 13 години од неговата смрт, а година ќе бидат одбележани и 90 години од неговото раѓање.

– Неговото семејство ни ги отстапи авторските права и беа среќни што некој се сетил да го постави на сцена „Црно семе“. Претставата е посветена на нашите Македонци од Егејскиот дел на Македонија, на нивните страдања, упорност, издржливост, попустливост, на нивната борба за слобода, да зборуваат на својот мајчин јазик и борбата да го зачуваат својот национален идентитет – рече директорот на театарот, Васко Мавровски.

Ова е трета премиера на режисерот Цветановски во Битолскиот театар. Тој долго време барал каде да го постави овој текст.

– Среќен сум што е Битолски театар, кој за мене има големо значење и од семејна страна. Татко ми работеше тука често и се чувствувам како дома. За секој режисер најважно е да најде истомисленици, како што јас најдов тука. Судбината на помалите народи е тешка затоа што нивните приказни не се раскажуваат. Оваа претстава е да се издржи, да останеш свој и покрај сите притисоци – рече Цветановски.

„Црно семе“ е еден од антологиските романи кои зборуваат за Македонецот и неговата судбина, за една голема голгота на Македонците од Егејска Македонија после Втората светска војна и нивните трагични судбини. Таа нивна приказна треба да биде запишана во нашиот генетски код како народ бидејќи е потребно да остане жива.

– Приказната за издржувањето и приказната за останување свој. Бидејќи ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа да се сеќаваме на Доне, Христо, Парис, Марко, Нико, Димо, Ѓорѓи, Јане, Ангелина и нивните имиња – додава Цветановски.

Актерот Петар Горко рече дека Цветановски е еден од ретките режисери кои си ја познаваат својата работа, ја остава душата на сцена.

– Знае да работи со актери и да направи тим од екипата. Во претставата го играм еден од најодвратните ликови, контрапунктот на нашите кутри Македонци кои страдаат – рече Горко.

Огнен Дранговски вели дека иако претставата се занимава со едно колективно страдање кое станува трансгенерациско. Оттогаш поминале многу генерации, ние сè уште страдаме заради тоа. Сепак, секое страдање си има своја приказна.

– Направивме во оваа претстава секое страдање да е единствено, секој човек страда на свој начин. Оваа претстава носи и порака за надеж, љубов, единствено така можеме да им се спротивставиме на злите сили околу нас – вели Дранговски.

Актерот Никола Пројчевски вели дека на социјалните мрежи ги следи и здруженијата од Егејска Македонија.

– Ме фасцинира кога гледам група млади луѓе, кога пеат и ги знаат македонските песни. Тоа ме одушевува тоа. Сега ова не е време на молчење и им коментирам колку убаво ги изведуваат. Следува лавина од коментари на негација, на кои одговарам дека вистината си го докажува своето, а во денешно време сите имаме можност да стигнеме до неа – рече Пројчевски.

Дејството е лоцирано во времето на Граѓанската војна во Грција (1946) кога припадници на кралската грчка војска, во чиј состав влегуваат и Македонците од Егејска Македонија, под обвинение дека се комунисти и непријатели на кралска Грција, се казнуваат со упатување во логор на пуст остров. Поради своите убедувања и етничкото потекло, некои од нив ги совладуваат сите тешкотии, задржувајќи го своето човечко достоинство. Други, пак, не успеваат во тоа, и наместо очекуваниот спас, доживуваат целосен морален пад.

Драматизацијата е на Јелена Цветановска, сценограф е Сергеј Светозарев, а костимограф – Благој Мицевски. Музиката е на Димитар Андоновски, кореограф е Дамјан Цветановски. Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Никола Пројчевски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Александар Димитровски, Александар Копања, Марија Цветановска, Петар Спировски, Живко Борисовски, Хари Михајловски.

Учествуваат и млади момци од КУД „Илинден“: Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓорѓиовски. Покрај авторската музика на Андоновски, се користи и композицијата „Бело Море“ од „Мизар“ и хорот „Хармосини“ од албумот „Детето и белото море“. Следните изведби се на 22 и на 29 април, во 20 часот.

Сподели