„Драми на принцезите“ е новата премиера што ќе се изведе утре на 15 ноември во 20 часот на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје. Претставата е работена по циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“ на нобеловката Елфриде Јелинек. Преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска. Во уметничкиот тим што работеше на претставата е тричлена екипа од млади и талентирани уметници од Словенија.

Режијата е на Жива Бизовичар, прв драматург е Ник Жнидаршиќ. Втор драматург и редакција на превод: Викторија Рангелова – Петровска. Сценограф и автор на музика е Јан Крмељ. Костимите се на костимографот Александар Ношпал. Дизајн на светло: Жива Бизовичар, Јан Крмељ и Ник Жнидаршиќ. Сликар-изведувач: Ѓорѓи Ѓорѓиевски. Музичко-вокален консултант: Ива Дамјановска и фотограф е Стефан Стамандов. Инспициент е Жарко Намичев и суфлер во претставата е Милка Анчевска.
Ликовите ги играат актерките на Драмски театар Скопје: Јелена Жугиќ, Нина Елсезер, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ивана Павлаковиќ и Јасмина Василева.
Циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“, нобеловката Елфриде Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим. Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст. Смртта им е веќе запишана со нивните иницијали, тие можат само да ѝ се предадат и да се спасат од непотребниот напор за бегство – единственото нешто што можат да направат со смртта е да ѝ се доверат, да разговараат со неа за својата приказна.
За разлика од нив, Џеки (Оназис) е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува. Во Ѕидот,
последниот дел од циклусот, Ингеборг Бахман и Силвија Плат, две големи писателки кои ги засенија своите мажи кои исто така беа писатели, се обидуваат да го пресоздадат светот. Туркаат низ ѕидот, но не можат да го скршат или да го исчистат за да видат што има зад него. Мора да најдат друг начин.

Драматургот Ник Жнидаршиќ издвојува дека: Овој текст е нетипичен за Елфиде
Јелинек. Го има напишано пред фазата во која сеуште се наоѓа и во која пишува јазични „површини“. Во овој текст сеуште ги задржува ликовите, јасната структура во пет дела и препознатливата приказна. Сепак, текстот е многу херметичен. При прво читање остава впечаток дека станува збор за серија на изјави, но подоцна се испоставува дека секоја реченица всушност претставува многу јасна усмерена мисла, со која – преку нашата интерпретација-зборува, пред сè, за репрезентацијата на жената и за тоа како жената треба да се претставува самата себе.
Претставата ја градевме како жанровска градација од драма кон комедија, кон монодрама. Последниот дел Ѕидот, во кој Ингеборг Бахман и Силвија Плат – две големи писателки на своето време, кои донекаде засенети од славата на нивните мажи, кои не можеле да го прифатат, да го „сварат“ нивниот талент – секоја на свој начин ја спроведува феминистичката агенда преку своето пишување. Во текстот, Јелинек, тој мотив го претвара во обид за создавање на нов свет. Во овој дел, режиран изразито современо, Јелинек евоцира на жртвените грчки ритуали, само што тука не се жртвуваат жени туку се жртвува машко животно – овен. Со тоа се обидува да создаде нов свет во кој за жените не би постоела бариера, некој ѕид кој не можат да го пробијат, во свет во кој доколку сакаат да го пробијат, единствено можат да си ја искршат главата.

– Драматургијата на претставата како и обично кога работам со Жива, се базира на семиотика. Во овој случај се пристапи на блага семиотичка дестабилизација или барем на семиотичко поместување. На пробите откривме дека овој текст функционира само доколку во поголемиот дел не се кажува она што се прави и ако не се прави она што се кажува. Значи, работите мораат физички да се случат пред или по изреченото. Таквите поместувања всушност убаво го генерираат значењето и ги надминуваат самите приказни, го пробиваат херметичниот текст и создаваат значења кои се поврзуваат со широката општествена слика. Ликовите се на некој начин зомби ликови, често за ликовите на Јелинек се кажува дека се „undead“, поточно дека се истовремено живи и мртви. Актерките одработија огромна задача додека ги баравме начините за да играат лик кој однапред ја знае својата приказна, лик на кој пред нас на сцена не му се случува ништо ново, ништо непознато, знаат како ќе умрат, ја знаат целата своја приказна – вели словенечкиот драматург.
Актерите од Драмски театар истакнаа дека имале големо задоволство да работат на претставата, дека посебно се чувствувала женската поддршка.
Јелена Жугиќ го толкува ликот на Снежана. Првата асоцијација е херметичноста на текстот и уживањето кога ќе почнеме слој по слој да одмотуваме и да сфатиме всушност што сака да ни каже авторката. За нас актерите текстот е основата од која тргнуваме да работиме. Долго време во процесот изгубивме на освојување на текстот. Но, во моментов кога го освоивме, се отвори еден цел свет на можности, вели Жугиќ. Таа се присети дека пред точно 20 години имала можност да игра во една женска претставата, „Домот на Бернарда Алба“ и сега повторно е дел од една женска претстава.

– Снежана 100 години талка низ една шума, ни жива, ни мртва, во една состојба на undead, наидува на ловецот, и како по некое сеќавање тој треба да ја спаси. Има многу смрт во претставата, но смрт како единствен начин да се роди нешто ново. Ова ќе биде претстава во која публиката или ќе ужива и ќе се вози на еден емотивен ролеркостер или нема ништо да разбере. Меѓутоа, тоа е ризик што го прифати упрпвата на театаерот и сите ние. Би било фантастично да имаме околу 2000 рефлектори во театарот, хидраулики на сцена. Но, со она со што распологаме, направивме нешто што ќе биде доста интересно, прво како ниво на текст, второто како ниво на екипа, вели Жугиќ.
Таа говореше за текстот и неговата повеќеслојност. Нејзина партнерка во сцената е Нина Елзесар, која го толкува ликот на ловецот.
Жената кога е сама е немоќна, меѓутоа кога ќе се спои со жена којашто поддржува друга жена – е тоа е моќ. Моќ што руши ѕидови. Не секогаш полните сали значат успешна претстава. Се надевам дека оваа претстава ќе има живот надвор од Македонија, онаму каде што сега овој начин на поставување на театар е во трка и во игра, истакна првенката на Драмски.
Билјана Драгичевиќ Пројковска ја глуми Трнорушка, која ќе се боцне на трн од роза и се буди во еден необичен свет. Се буди во нешто што не го препознава, но се труди да го врати во своите мисли и во своето постоење. Многу е тешко да се разбудиш, да не знаеш кој ќе те бакне, да не знаеш која ќе бидеш ти кога ќе се разбудиш. Се будам на возраст од 1000 години, имам 50 години и беше многу интересно кога ја добив улогата зошто јас да ја играм најубавата жена на светот. И така се доживува јас кога ќе се разбудам не знам на што личам, меѓутоа публиката ќе го има екслузивно право да види како изгледа една жена кога ќе се разбуди после 1000 години од својот задреман сон. Многу кореспондира нашата сцена со денешното општество, објасни Драгичевиќ Пројковска.
Нејзина партнерка е Сара Климоска која го толкува ликот на младиот принц.
Нејзината конфузија каде се наоѓа и кого го бакнува всушност ја прави сцената многу драматична. Каде е крајот на сцената е во крајот на краевите на приказните, додава Драгичевиќ Пројковска.
Единствениот монолог во претставата е на Трајанка Илиева – Вељиќ, која го толкува ликот на Џеки Кенеди.
Павлаковиќ и Василева ги толкуваат ликовите на славните поетеси Силвија Плат и Ингеборг Бахман. Василева истакна дека токму Бахман која е најмалку популарна на нашите простори, и била најпровокативна.
Следните изведби, по премиерата се на 19 и на 23 ноември.




