Ќе бидат одбележани годишнините на двајца наши истакнати поети – 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и на Матеја Матевски
„Допир на убавината“ е мотото на 62. издание на Струшките вечери на поезијата, што годинава ќе се одржи од 22 до 26 август во Струга. Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, познат и како Дом на поезијата, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.
Со мотото „Допир на убавината“, сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик што овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината, отелотворена во поезија, вели Тодорче Тасевски.
– Но исто така, сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата – рече Тасевски.

Лауреат на фестивалот годинава е истакнатиот поет Жан-Пјер Симеон. Поетскиот портрет за него е на 24 август и според традицијата ќе се одржи во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид.
Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.
Оваа година, во рамки на Програмата на фестивалот ќе бидат одбележани годишнините на двајца наши истакнати поети: 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски.
Во рамки на одбележувањето, во соработка со Здружението на слепи лица на општина Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски. Изборот го подготви проф. Кристина Николовска од Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Во рамки на настанот „Декади поезија“, ќе бидат одбележани годишнините на живот и творештво на петмина истакнати македонски поети.
Во рамки на програмата, предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинешната добитничка е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината дебитанска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“), како и портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Конкурсот траеше до 25 јуни.
Истакнатиот шведски поет Бенгт Берг ќе биде претставен со избор поезија. Оваа година, во рамки на Фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис “, проект поддржан од Европската Комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.
Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен редовните публикации: Монографијата за добитникот на „Златен венец“, Зборникот на фестивалот, преведеното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, изданието на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, ќе биде издадена антологија насловена „Од поети за поети“ чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет Милован Стефановски. Оваа антологија содржи избор на песни од македонски поети, коишто се посветени на други поети и со тоа воспоставуваат своевиден поетски дијалог.
Во едицијата „Плејади“ ќе биде издаден избор поезија од истакнатиот шведски поет Бенгт Берг во препев на нашиот истакнат поет Ивица Челиковиќ, кој живее и работи во Шведска. Исто така, ќе биде издадена необјавената збирка „Скршен терариум“ на добитничката на наградата „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, а ќе бидат издадени и тројазични избори на поезија на двајцата избрани поети во рамки на платформата „Версополис“.
Медиумски покровител на Фестивалот е Македонската телевизија која што ќе врши директен пренос на главните настани.





